Слабата трансформација на традиционалните медиуми, „копи-пејст“ новинарството, етичките и професионални стандарди, реформи во медиумите беа само дел од темите кои се начнаа на вчерашната дискусија насловена „ Дигитални редакции на домашната сцена, до каде сме? “ во рамки на Истражувачкиот филмски фестивал (ИФФС).
Главниот фокус на овогодишното издание на ИФФС е дигиталноста, а таков беше и поводот за вчерашната дискусија која се однесуваше на дигиталните редакции и моменталните состојби.
Магдалена Михајлоска поранешна новинарка, која моментално работи во „пи-ар“ секторот, вели дека дигитализацијата е нормален процес кој не може да се избегне, а тоа би било и илузорно да се очекува. Додава, тоа не е ништо друго, освен еден нов технички начин на пласирање информации, кои треба да бидат сработени професионално.
Уредникот на „Види Вака“, Александар Манасиев состојбата со дигитализацијата на македонските медиуми ја оценува како многу лоша, потенцирајќи дека посебно традиционалните медиуми многу лошо се снашле во таа трансформација.
„Мислам дека медиумскисте стартапи или медиумските иницијативи многу повеќе ги користат дигиталните алатки и многу се понапредни во дигитализацијата, во она што сакаме да биде, како што сакаме да креираме дигитален медиум“, вели Манасиев.
Додава дека локалниот медиумскиот простор се уште каска позади западните земји, за кои, потенцира тој, дигиталните редакции се појавиле уште пред 15-20 години.
„Едно е професионалните и етички стандарди, велам тие си остануваат исти, не значи дека дигиталното време треба да не’ промени. Во тој поглед треба да останеме професионалци, но, треба да го зграбиме времето во коешто живееме и сериозно да ги искористуваме тие алатки, бидејќи и самата публика се менува. Како што самата публика се менува, начинот на кој што ги примаат информациите, публиката, мислам дека и ние треба самата содржина да ја прилагодиме на потребите на публиката“, објаснува Манасиев.
Горан Михајловски, уредникот на „Сакам да кажам“, нагласи дека новинарстово ги има истите правила, и дека тие правила треба да важат и за дигиталното новинарство. Новинарството е новинарство, вели тој, дали се работи за весник, телевизија или радио.
„Јас сум еден од оние што уште упорно се труди да одолее на ова уништување на новинарството што се случува, не само кај нас, туку и во целиот свет. Со упорно инсистирање на професионализам, можеби упорно сум наивен, но, упорно мислам дека професионализмот еден ден ќе надвладее, и дека народот постепено ќе почне да се привикнува, како што пред тоа од радио се префрлил на телевизија, а пред тоа бил печатот. Така и ова што секојдневно го добиваме на телефон, едноставно луѓето ќе почнат да бараат вистинска информација, вест, информација направена на професионален начин“, вели Михајловски.
Ана Петрушева, директорка на „БИРН Македонија“, смета дека дигиталноста не е тоа што моментално имаме премногу портали, споредувајќи дека во минатото на македонскиот пазар, исто така, имало премногу весници.
„Тие портали, не значи тоа дека се ‘digital’ (дигитални), тоа значи дека најголемиот дел прават копи-пејст. Па, тие малку редакции кои работат професионално, башка што треба да се бават со тоа како ќе преживеат, од каде ќе добијат пари, дали ќе имаат доволно да ги платат новинарите, да им обезбедат добри услови за работа, треба да се бават и со тоа – да се расправаат со разноразни сајтови и портали кои никнуваат преку ноќ, кои најбезобразно ги крадат содржините без никаква референца, работат некое копи-пејст новинарство што нема никаква врска со ‘дигиталното’“, објаснува Петрушева.
Истражувачката-новинарка Сашка Цветковска од „Истражувачката репортерска лабораторија“ осврнувајќи се на реформите во медиумите, вели дека, за жал, во Македонија сите напори се насочени кон спас на мејнстрим медиумите или телевизиите.
„Се верува дека ако тие не постојат, во Македонија граѓаните нема да можат да добијат никаква информација, и ќе се изгубат сите платформи преку кои луѓето ќе бидат информирани. Тие платформи долго време воопшто не му служат на јавниот интерес и не гледам што е она, што ние постојано мора да се трудиме, и да бараме начини да го спасуваме“, вели Цветковска.
Според неа, политичките и бизнис интервенциите на пазарот се голем проблем за било која редакција, дали се работи за дигитална или традиционална.
Исто така, Цветковска посочи на тоа дека, онлајн медиумите и оние кои имаат средства, не посветуваат доволно време и ресурси за да обезбедат вештини на своите новинари за, како што вели, тие да можат да прејдат кон дигиталната иднина.
Билјана Николовска, единствената од дискутантите која дојде од телевизискиот простор, забележа дека телевизиите не можат да се „тркаат“ со порталите бидејќи медиумите не пласираат само информативна програма, туку и забавна, едукативна и слично.
„Тука можеби ја губиме трката со брзината бидејќи, нели, првите вести ни се во 15:30, до тогаш можат да излезат многу други вести кои ќе не претркаат, можеби дел се лажни, дел вистинити“, вели Николовска.
Таа потенцираше дека проблемот кај традиционалните медиуми е и тоа што тие немаат успешни сајтови.
Дискусијата беше организирана во рамки на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал кој трае од 31 октомври до 2 ноември, во организација на организација „ПИНА – Платформа за истражувачко новинарство и анализи“.
Мартин Колоски