Грција треба да го укине нацрт-законот со кој се заканува ограничување на пристапот до заштита на барателите на азил од Сирија, Ирак и Авганистан, соопштија од организацијата „Хјуман Рајтс Воч“.
Атина повторно се бори со пристигнување на огромен број на мигранти по напливот од 2015 година, кога повеќе од милион луѓе преминаа во Европа од Турција преку Грција.
„Предлог-законот е гол обид да се блокира пристапот до заштита и да се зголемаат депортациите, пред неодамнешното зголемување на пристигнувањата“, вели Ева Косе, истражувачка во ХРВ.
Конзервативната влада на премиерот Киријакос Мицотакис која дојде на власт во јули, вели дека нацрт-законот е наменет да го насочи она што се смета за долг процес на азил и да ја олесни депортацијата на одбиените баратели на азил.
Тој ја обвини претходната левичарска влада дека слабо се справувала со проблемот, што резултирало со илјадници луѓе во преполни кампови.
Од ХРВ велат дека со овој предлог-закон, за кој треба да се дискутира во парламентот оваа недела, ќе се олесни притворањето на баратели на азил за подолги периоди и дека се одземаат важни мерки за заштита за ранливите луѓе, вклучително и за децата без придружба.
„Предлог-законот, исто така, воведува построги правила за барателите на азил, го одложува пристапот за право на работа, го стеснува дефинирањето на семејствата и наметнува поголем товар на жртвите од тортура да бидат признаени како такви“, велат од ХРВ.
Претходно овој месец, УНХЦР исто така изрази загриженост во врска со грчкиот предлог за измена на законот кој влијае врз барателите на азил, велејќи дека тие можат да ја ослабат заштита на бегалците.
ХРВ ја повика Европската Комисија, која финансиски го поддржува управувањето со миграциите во Грција, отворено да изврши притисок врз грчката влада за да се осигура дека промените во законот ќе вклучат заштитни мерки кои ги исполнуваат ЕУ стандардите.