Средношколци од Валандово чистеа и дискутираа за ЕУ перспективите со евроамбасадорот Жбогар

„Соработка“, „иднина“, „подобар живот“, „мир“ и „моќна група земји“ беа првите асоцијации за Европската Унија на средношколците од Средното училиште „Гоце Делчев“ во Валандово кои со евроамбасадорот Самуел Жбогар ги споделуваа нивните впечатоци.

Младите ги интересираа можностите за образование во Европа, дискутираа за нивните искуства со Еразмус+ програмата, но истовремено прашуваа и зошто толку долго се чека на преговори со ЕУ и го прашаа евроамбасадорот за потегот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој изминатава недела беше против Северна Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ.

„Претседателот Макрон покрена многу добри прашања минатата недела. Можеби начинот на кој го направи тоа беше суров, особено за вашата држава. Но, прашањата кои ги отвори се правилни. А тоа е дека никој не е среќен со процесот на преговори. Ниту земјите членки, ниту земјите кандидати за членство. Во ЕУ граѓаните не се среќни бидејќи сметаат дека земјите преговараат, но не се подобруваат, па затоа преговорите траат сè подолго и подолго. Ова пак предизвикува незадоволство кај земјите-кандидатки. И имате незадоволство на двете страни. Затоа мислам дека е добро што ЕУ ја отвори оваа дебата за промена на системот преку кој земјите-кандидатки во преговорите навистина ќе се менуваат на подобро, граѓаните ќе бидат среќни и ќе знаат што ги очекува на крајот од процесот“, посочи Жбогар.

На прашањето на евроамбасадорот дали средношколците во иднина се гледаат во земјата или надвор од неа, скоро во еден глас во училницата се слушна „abroad“ – во странство.

„Надвор би имале повеќе можности, поголеми плати, подобар живот“, беше еден од одговорите.

Иако мнозинството присутни не кренаа рака кога евроамбасадорот праша кој би сакал да остане во земјата, имаше и такви кои веруваат дека можат убаво да живеат во Северна Македонија.

„Од искуствата на мои пријатели кои работат во странство и повремено доаѓаат овде, мислам дека не ми се допаѓа тој живот. Можеби не за образование, но јас би сакала да останам да живеам во Македонија“, беше одговорот на една средношколка.

„Една главните придобивки на ЕУ е што вие станувате дел од едно поголемо семејство и се чувствувате малку посигурно, отколку кога сте оставени сами. Тоа често го споредувам со пример на тоа да се наоѓате во немирно море со големи бранови. Има разлика дали сте во чамец или во прекуокеански брод. Кога сте во ЕУ вие сте во крузер и што и да се случува во светот, вие сте заштитени. Додека во чамец секој бран може да ве турне, и вие тоа го чувствувате последниве 20-тина години. Така што членството во ЕУ прави голема разлика во тоа да се чувствувате посамоуверено“, објасни Жбогар.

Учениците од евроамбасадорот побараа Европската Унија да помогне во отварање младински центар во Валандово, стационар за бездомни животни, а разговараа и за референдумот за рудникот „Казандол“, како и за аерозагадувањето и алтернативите за урбан транспорт.

По дискусијата евроамбасадорот им се придружи на средношколците во чистење на дворот на училиштето.

Вакви дискусии се предвидени со средношколци од повеќе македонски градови, на кои младите ги споделуваат своите ставови и прашања и добиваат повеќе информации за начинот на кој функционира ЕУ.

Даниел Евросимоски