Бендови остануваат без простор за свирење во старата фабрика „Треска“

„Има многу простори, напуштени објекти со огромен капацитет низ Скопје што можат да се пренаменат, а никој не ги користи“, вели Петар Младеновски, член на составот „Суперхикс“.

Неговиот бенд заедно со уште неколку други музички групи и музичкото училиште „Ентерпрајз“, наскоро ќе останат без простор за свирење. Неодамна им било соопштено дека просториите на фабриката „Треска“, кои тие досега ги изнајмуваа и користеа за проби, ќе бидат пренаменети од сопственикот и нема повеќе да се користат како простор за изнајмување.

„Одамна дознавме за тоа дека сопствеништвото решило да ги сруши тие простории и таму да започне израдба на нешто ново“, објаснува Валентино Скендеровски, сопственик на „Ентерпрајз“. „Ни дадоа рок до крајот на оваа година да го напуштиме просторот.“

Тој, како и другите бендови со кои го делеа просторот, моментално бараат ново место. Засега ситуацијата за него е проблематична бидејќи, вели тој, големината и локацијата на „Треска“ е одлична и уникатна во споредба со останатите слични простори кои се изнајмуваат.

„На моето училиште му е потребен простор во центар, а таков нема“, дополнува Скендеровски.

Недостатокот од места каде бендови можат да одржуваат проби станува се посериозен проблем во овој град. Како што вели Скендеровски, места каде музичари можат да свират и одржуваат проби речиси и да нема, а оние кои се изнајмуваат најчесто се прескапи за младите бендови.

Треска

Покрај „Ентерпрајз“ и „Суперхикс“, просторот кај „Треска“ го користеа „Санаториум“ и десетина други музички групи. Сите тие во моментов бараат место каде од наредната година ќе ги префрлат своите инструменти.

Младеновски посочува дека, идентично како просторите на „Треска“, низ цел град постојат голем број затворени фабрики и слични објекти чии огромни површини стојат неискористени.

„Мора да се направи нешто со нив“, вели тој. „Стојат така со години“.

Тој во нив гледа шанса да бидат пренаменети во јавни културни центри. Меѓу другото, како пример ја наведе фабриката „Купром“ која се наоѓа во населбата Хром. Оваа фабрика неодамна стана центар на внимание во јавноста по инцијативата на организацијата „Културно Ехо“ да се мапираат сите вакви напуштени објекти.

Купром

„Мора да се покренуваат што повеќе иницијативи за напуштените објекти да бидат пренаменети“, велат од „Културно Ехо“. „Идејата за „Купром“ конкретно е да се пренамени во студентски град, а дел од тој град секако да биде културен центар.“

Од организацијата посочуваат дека својата иницијатива неодамна ја презентираа пред Министерствата за култура и образование. Добиле позитивни одговори и интерес за соработка и реновирање на целиот простор.

„Во моментов договараме состанок со претставници од Владата. Кога ќе имаме повеќе информации ќе ја информираме јавноста“, подвлекуваат од „Културно Ехо“.

Меѓутоа овој проблем особено ги погодува младите и алтернативни бендови. Како што видовме во еден од нашите последни подкасти, повеќето од нив едвај наоѓат места за свирки и проби. За добар дел од музичките артисти во градов, ладните подруми и гаражи без никаква изолација се единствениот простор каде можат да творат.

Георги Божиновски