„Трета страна на стварноста“ од 24 октомври во МСУ

 

Во Музејот на современа уметност (МСУ) од 24 октомври ќе биде отворена „Трета страна на стварноста“, со Архитект Срѓан Јовановиќ Вајс со инсталацијата „Архиликс“ во рамки на изложба од колекцијата, историјата и архивите на МСУ.

Изложбата „Трета страна на стварноста“ отвора повеќе дилеми на едно кондензирано место – што значи солидарноста кога станува збор за вредностите кои фрлаат нова светлина и обезбедуваат поинаков поглед кон постоечката целина на знаењето?

„Дали современоста, гледана како антагонистички простор од повеќе делови од минатото, може да ни посочи нови вистини, како дел од политичката желба за иднината? И дали има некои други аспекти кои можат да се земат превид при разгледувањето на нивното денешно значење? Еден од можните начини за критичко преиспитување на солидарноста и современоста е колекцијата и архивата т.е. нивната селекција, пристапот, начинот на изложување и претставување ја одредува и нивната идентитетска и идеолошка политика и позиција“, се вели во најавата за изложбата.

Во средината на другите стварности е инсталацијата „Архиликс“ на архитектот и уметник Срѓан Јовановиќ – Вајс која е специјално создадена за оваа изложба.

Тој вели: „Тежнееме кон жалење или фалење кога нештата „ќе отидат во погрешна насока“ во институциите на културата, како протекувањето. Прашањето е: дали навистина работите одат во погрешен правец? Или дали протекувањето е дел од поголема потрага по праведност во современиот простор? Или, дали имаме некаква идеја за што навистина е тоа погрешно нешто? Овие прашања се важни за која било од институциите за современа уметност, како што се и институциите во Скопје. Она што ‘Архиликс’ го прави во најконтестираниот музеј во Скопје е обележување на протекувањата кои музејот ги имал, има, и ќе ги има. Ништо помалку и ништо повеќе. ‘Архиликс’ е за вклучување на грешките во генералната наратива на општествениот простор’“.

Изложбата исто така одбележува и 55 години од формирањето на Музејот на современа уметност како музеј на солидарноста.

„А, она што е важно во овој глобален капитализам, во контекстот на 21 век, е дека не само што заедништвото и грижата за заедничкото, надвор од флосулите, празните зборови и идеолошките непријатели, ни е дел од идентитетот, туку и единствена опција за иднината“, стои во најавата за изложбата.

Изложбата е поддржана од Министерство за култура на Република Северна Македонија, Град Скопје и организацијата „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“.

Изложбата трае од изложбата од 24 октомври до 20 ноември. Курирана од Ивана Васева.

За 25 октомври е најавено предавање на Јовановиќ Вајс од 19 часот во МСУ.