Фејсбук ќе забрани менување наслови на туѓи објави во реклами

Компанијата Фејсбук најави дека работи на промена во опциите за реклама на туѓи објави. Постови кои рекламираат новински вести и објави од надворешни веб-сајтови ќе бидат оневозможени да ги менуваат нивните наслови со цел да се спречи ширење на лажни вести.

Поводот за ваквата промена доаѓа од неодамнешен случај во кој фејсбук реклама, спонзорирана од Конзервативната партија од Велика Британија, мораше да биде избришана бидејќи објавила сторија од Би-Би-Си каде оригиналниот наслов бил променет и не се совпаѓал со содржината на текстот.

Спорниот наслов кој морал да биде отстранет гласел: „Училиштата добиваат поддршка од 14 милијарди фунти“, иако во објавата на Би-Би-Си, до која водел текстот, оваа бројка била 7.1 милијарди фунти.

Лажниот (лево) и вистинскиот наслов (десно) на веста на Би-Би-Си

Ваквите и слични објави кои предизвикаа бурни реакции низ социјалната мрежа и медиумите беа отстранети, а Конзервативната партија вели дека го преиспитува целиот процес на рекламирање објави на својата страна.

„Не беше наша намера погрешно да се претставиме со користење на овој наслов од веста каде јасно е прикажана цифрата на Би-Би-Си од 7 милијарди фунти“, стои во изјавата на партијата, „но разгледуваме како нашите наслови на реклами се совпаѓаат со придружните врски“.

Од Фејсбук објасниле дека овие политички објави ја злоупотребиле платформата за рекламирање на социјалната мрежа. Тие биле избришани поради кршење на правилата на платформата, додавајќи дека тоа „не е начинот на кој тие сакааат нивните платформи да се користат“.

Рекламите кои водат до друга новинска вест или веб-страница не смеат да го менуваат насловот на оригиналната содржина во нивните реклами.

Од Фејсбук изјавиле дека сакаат новие промени да се спроведат најдоцна до крајот на оваа година. Моментално се уште работат на новиот алгоритам кој тоа ќе го овозможи.

Компанијата соопшти дека сака да ги заштити оригиналните издавачи на материјали и да го зајакне „спроведувањето“ и „подобро да го спречи ваквото однесување“ во иднина.