Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА во сабота организира проекција на докуметарен филм и дискусија по повод 28 септември – Меѓународниот ден за пристап до безбеден и легален абортус, кој оваа година светот го одбележува под мотото „Абортусот е здравствена заштита“.
„На овој ден, сите жени во светот потсетуваат дека непланираната бременост и абортусот се составен дел од нивниот сексуален и репродуктивен живот и здравје, и се од суштинско значење за остварување на репродуктивната слобода. По тој повод, во сабота ќе го гледаме документарниот филм „Предизвикот на Роу“, кој нѐ потсетува дека „кога си жена сѐ е политика“ отсликувајќи ја токму оваа реалност – политичката аура околу абортусот и репродуктивната слобода на жените низ призма на 50-годишната социјална и правна историја на овие прашања во Соединетите Американски Држави. И покрај тоа што еден од основните принципи на демократијата е да се има контрола над сопственото тело, иднината на правото на телесна автономија на жените и абортусот како медицинска, социјална потреба и здравствена грижа останува неизвесна, засенета од влијанијата на партиско-политички-религиозните агенди и псевдонауката“, најавуваат од ХЕРА.
Настанот ќе се одржува во Салон 19:19, со почеток од 19 часот.
После филмот присутните ќе можат да ги споделат впечатоците и да дискутираат за локалните предизвици поврзани со абортусната нега и нивно надминување со цел унапредување на здравјето на жените и родовата еднаквост во целост.