[Галерија] Како да го реанимираме дворот на студентскиот дом?

Во мензата на Студентскиот дом „Гоце Делчев“ викендов се одржа работилница за студенти на тема „Како да го реанимираме дворот на студентскиот дом?“.

Работилницата беше водена од 5 тутори, млади и активни дејци во културното поле во Македонија – Милош Б. Андоновски, Раде Кекеновски, Стефан Момиќ, Кристиан Калинов и Ивана Балабанова.

Присутните дискутираа на неколку теми: што претставува „дворот“ како простор, какви се и како да се подобрат релациите меѓу станарите и домот, како во дворот да создадеме уникатно искуство кое не може да се најде на друго место, што треба да се направи за дворот да се одржува, од што зависи дали студентите би се вклучиле во реализација на проекти во градот…

Учесниците дадоа неколку идеи, иницијативи за понатамошен развој. Рекоа дека дворот на „Гоце Делчев“ има голем потенцијал, и за студентите, и за жителите на Карпош и околината. Да се среди неискористениот простор, а потоа да се користи за седенки, за музички, културни или хуманитарни настани.

„Целта е да не чекаме некој однадвор да дејствува. Ние мораме да ја разбудиме свеста кај студентите за тие сами да си ги решаваат внатрешните проблеми, а истовремено да влијаеме и на надворешните фактори да преземат нешто“, рече Сара Симоска од МЕЛЕЕМ.

Оваа активност е дел од „Домот е наш 2“, имплементиран од добитникот на Наградата за младинско учество, МЕЛЕЕМ Скопје – Здружение за развој на урбана култура и актуелизација на простор, и е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.


Фото
: Мартина Пенева