Анонимен жител на Флорида донира 100 генератори и тони храна за Бахамите разурнати од ураганот Дориан

Фармер од Џексонвил изминатава недела купил 100 генератори во маркет во Флорида со намера да ги донира на Бахамите. Островот во Средна Америка деновиве беше погоден од разорниот ураган Дориан и голем дел од жителите останаа без електрична енергија, храна, вода и своите домови.

Сметката, со вкупна вредност од околу 49 илјади долари, во најголем процент отпаѓала на купените генератори и огромна количина конзервирана храна, сол, кафе и слично, кои ќе бидат однесени на погодените острови.

Иако човекот сакал да остане анонимен и наместо на него, фокусот да се насочи кон земјите погодени од ураганот, сепак друг човек кој бил во маркетот во моментот видел за што се работи и ја сподели приказната на социјалните мрежи.

„Морав да отидам и да го поздравам ова дело.“, вели Алек Спраг, човекот кој ја информираше јавноста за ситуацијата. „Многу ми е мило што гледам како некој прави вакви нешта“.

Преносот на целиот товар до Бахамите ќе биде вистински предизвик.

Камиони ќе го пренесат товарот до Стуарт, Флорида, каде предметите ќе бидат натоварени на брод и транспортирани до островите. Таму локален долгогодишен пријател на фармерот, чиј дом беше разурнат во ураганот, треба да помогне во прекуморскиот превоз.

Вклучените во оваа акција стравуваат од фактот што морето се уште е разбранувано и нестабилно поради ураганот.

Ураганот Дориан предизвика вистинска катастрофа на Бахамите и досега однесе 20 животи. Меѓународниот Црвен Крст соопштил дека околу 13 илјади имоти се значително оштетени или уништени, додека претставник на Обединетите Нации изјавил дека итна поддршка им е потребна на околу 70.000 луѓе.

 

Ураганот во моментов се движи кон брегот на САД и се очекува и да ги погоди жителите на Северна и Јужна Каролина, а предупредувања добиле и жителите на Џорџија и Вирџинија.