Марко го прекина маратонот поради болки во ногата

„ Желбата и волјата се крилја за големи дела. Нашиот Марко имаше силна желба и цврста волја да плива делница која е вистински предизвик за професионалните маратонци, а не за еден тринаесетгошник. Сепак, поради силни болки во ногата беше приморан да го прекине соло маратонот во должина од 64 километри кој го посвети на лицата со ретки болести“, соопштија неговите родители на Фејсбук.

Марко измина 4 часа и 49 минути во водите на Охридското Езеро и исплива 11 километри и 840 метри.

„Утре сите заедно да ја дадеме нашата поддршка, да придонесеме за подигнување на свеста за лицата со ретки болести и да бидеме НИЕ тие што ќе ја направат разликата“, стои во објавата.

Утре кај градското пристаниште ќе има штанд на кој ќе се собираат средства наменети за овие лица со купување на маички.

Лани Марко Пејчиновски го преплива Охридското Езеро од Св. Наум до Охрид со што стана најмладиот пливач во историјата што успеал да го направи тоа. Тој пливаше и покрај тоа што веќе има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.

Фото: Охрид њуз