Булеварот Климент Охридски после регресивната трансформација која му ја направија во 2012-та година, од тогаш до денес претставува: пешачки, велосипедски, безбедносносен, звучен и температурен пекол.
Пешаците треба да преминуваат преку 3+4 ленти, наместо како претходно преку 2+2, реагираат од иницијативата „НаТочак“. Реакцијата ја пренесуваме во продолжение:
„(Пешаците) Треба да се движат на асфалт/поплочување со температура од 55 степени, наместо под зеленило каде температурата е за 20 степени пониска. Наместо по убаво шеталиште сега се движат по патека која на некои места се стеснува до 50 cm.
Се водело сметка да се добие максимум простор за автомобилите со 3 ленти во насока широки по 3,5 метри, со специјални ленти за вртење лево и десно (нешто што се напушта во градски средини како пракса), а не се обезбедил ни законскиот минимум за пешаците. Жителите го изгубија централното зеленило кое им беше и звучен изолатор и добија повеќе автомобили во непосредното опкружување, повеќе бучава и немир, наместо ветувањето за помал метеж.
После притисокот од велосипедската заедница, со проектот Скопје Велоград се издејствува во 2017-та да се стеснат коловозните ленти од 3,5 на 3 метри и да се добијат минимални велосипедски ленти од 1,5 метри во двете насоки. Со ова делумно се влијаеше на смирување на брзините, но велосипедските лени се користат како паркинг, а севкупната штета не е ни приближно надоместена.
Слични трансформации доживеаја и Теодосиј Гологанов (Иво Лола Рибар и бул. Илинден) каде комотни пешачки и велосипедски патеки и убави дрвореди беа жртвувани за брз проток на автомобилите. Денес условите за движење на пешаци и велосипеди таму се субстандардни.
Би сакале да потсетиме дека еден булевар, една комплетна улица мора најпрво да обезбеди добри услови за пешачење и возење точак, да обезбеди и зеленило, а потоа остатокот од просторот да го распределува на автомобилите и да се види дали има место за 2, 3, 4, 6 ленти реално, а не да се настапува со максималистички позиции за автомобилскиот простор, а за останатите – трошките, ако воопшто ги има.
Периодов се најавува проширување на улицата Даме Груев. Апелираме вакви грешки да не се повторат.
Скопје не може да трпи веќе ваква негрижа за квалитетот на животот на луѓето. Потребни му се трансформации во обратна насока: од автомобилски простор да се добива пешачки, велосипедски, зеленило.
Не треба Даме Груев и Рекорд да си ги заменат местата. Едната (Рекорд) да стане од улица со 4 ленти, во улица со 2 ленти за јавен превоз, а другата од улица со 2 ленти да стане улица со 4 ленти.
Ништо не сме постигнале во таков случај.
Потребно е вкупниот број ленти за моторен сообраќај да се намали. Потребно е да се даде приоритет на јавниот превоз. Потребно е да се зголемат и прошират пешачките зони, потребно е да се воспостават велосипедски патеки и ленти низ централното подрачје, потребно е да се воведат нови дрвореди, а не да се уништува постоечкото зеленило.
Во 21-ви век, ситуациите ПРЕД и ПОТОА на сликата треба да се обратно поставени!