Струшки вечери на поезијата со поетска порака, волонтери, организиран превоз, стрим во живо

Струшките вечери на поезијата ќе се одржат од 21 до 26 август, а организаторите најавуваат повеќе новини како волонтери, организиран превоз од Скопје, поетска порака, но и стрим во живо од главните случувања. Целосната програма е објавена, а подготовките за овогодишното издание се при крај.

Годинава од настанот ќе биде испратена поетска порака која ќе биде прочитана за време на церемонијалниот дел на свеченото отворање од страна на поетот Влада Урошевиќ, на кој по повод осумдесет и петгодишниот јубилеј во рамките на Програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет. Од оваа година главните фестивалски читања ќе се изведуваат на повеќе јазици: македонски, англиски, албански и француски јазик.

„Ова е предизвик за овогодинешното издание на фестивалот како од технички така и од режисерски аспект на обликување на настанот, но се надеваме и сме убедени дека ќе ја збогати Програмата,“ изјави Тодорче тасевски, директорот на фестивалот.

Во рамки на Програмата се предвидени повеќе поетски читања на различни локации на кои ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети.

За овогодинешното издание, Струшките вечери на поезијата објави повик за волонтери коишто ќе се вклучат во логистичката поддршка на фестивалот. Повикот е завршен и во тек е селекцијата на кандидати, а целта е да се поттикне интересот за Фестивалот кај помладата публика и да се овозможи дружење и комуникација со некои од најзначајните поетски имиња.

Освен директниот пренос што ќе го врши националната телевизија, главните фестивалски читања ќе бидат достапни преку “live streaming на официјалниот Јутјуб канал на Струшките вечери на поезијата, со што ќе се овозможи следење на содржините на фестивалот ширум светот.

За главните фестивалски настани ќе биде обезбеден превоз од Скопје преку два правци: Скопје-Кичево-Струга и Скопје-Велес-Битола-Струга којшто по завршувањето на настанот ќе овозможи враќање истата вечер.

Од изданијата на Струшките вечери на поезијата, освен монографијата на добитничката на „Златниот Венец“, романската поетеса, Ана Бландијана, книгата на добитничката на наградата „Мостови на Струга“, Моника Херцег, монографијата „Кој е кој“, четирите буклети во рамки на едицијата Версополис, можеме да ја издвоиме тематската антологија „Арката на Ное“ чиј приредувач е Иван Џепаровски, а чија тема е посветена на местото на поетската претстава на животинскиот свет во современата македонска поезија, поточно во песните на претходните добитници на наградата „Браќа Миладиновци“.

Целата програма за ова издание може да се види на овој ЛИНК.