На Денот на младите НМСМ најави нов хаб за учење на дигитални вештини

По повод  Меѓународниот ден на младите – 12 август, Националниот младински совет на Македонија најави нов проект за развој на дигиталните вештини кај младите.

Проектот насловен „МЛАДИХАБ – Дигитална младина” треба да започне на почетокот на ноември. Идејата е во центарот на Скопје да се отвори специјален простор каде ќе се одржуваат обуки за дигитални вештини во соработка со Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ  во размена за општокорисна работа.

„Целта на овој проект е премостување на јазот помеѓу потребите за дигитални вештини на пазарот и побарувачката на  бизнис секторот во нашата земја, искористувајќи ги потенцијалите кои ги поседуваат младите како и подигање на свеста кај младите за значењето на општокорисната работа. Покрај обуките за дигитални вештини, овој мултифункционален простор ќе служи за одржување на различни видови на обуки, средби и неформални настани со цел за размена на знaења, искуства и поттикнување на креативноста кај младите во нашата земја“, објаснуваат од НМСМ.

Оттаму информираат дека подготовките за опремување на хабот веќе се во тек, додека трае и процесот на дизајнирање на програмите за обуките.

Проектот е финансиран од Британската Амбасада Скопје и УКАИД, со поддршка на Канцеларијата на Претседателот на Република Северна Македонија.