Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари (АСМЛ) ги потсетуваат здравствените власти, за како што велат, потребното време и потрошените финансии потребни за да се заврши едно формално медицинско образование, како и на тоа дека медицински лица се уште немаат здравствено и социјално осигурување, а некои од нив се уште дежураат без пари.
„Медицински факултет 6 години (од 1 до 6 илјади евра за школарина), пола година неплатен стаж за лиценца (плус државен испит 500 евра), едукации за ре-лиценцирање + трошоци кон ЛКМ (7 години по околу 1.000 евра), евентуално приватна специјализација (4-6 години, до максимум 13.000 евра), докторат (освен ретки исклучоци што плаќаат како Институти) чинат 3 години и најмалку 5.000 евра само за факултет итн“, се вели во соопштението на АСМЛ преку Фејсбук.
Од таму посочуваат дека секој доктор што работи во државава инвестирал најмалку 8 години во формално образование (20-тина години е просекот на Клиника) и најмалку 10-тина илјади евра, а истовремено потенцираат дека „материјална еквиваленција на стресот, непроспиените ноќи и останати саможртви на жалост не е можна“.
„Колеги специјализираат во Скопје без додаток за одвоен живот, повикувани често во матичните установи. Се поништуваат решенија за специјализации во Прилеп, а во Струга се местат конкурси. За Дебар се надеваме дека веќе сте поднеле пријави“, дополнува АМСЛ.
Исто така, потсетуваат дека не се укинати временските рамки за договорите на кофинансираните специјализанти, а укажуваат на тоа дека знаат за состојбата со човечкиот потенцијал и старосната граница низ државата.
„И дека си ја направивте ЛКМ домашно милениче со функции во јавно здравство. Да потсетиме да не испадне дека не сме рекле. Ќе ве потсетуваме, било кој да сте!“, стои во соопштението.