Граѓанската организација „Еко-свест“ побара да се продолжи рокот за доставување коментари за Акцискиот план за Скопје зелен град, откако од Град Скопје поради технички грешки не испратиле покана до нив за учество во неговата изработка.
„Во јуни 2019 година Еко-свест писмено реагираше до консултантите кои се одговорни за процесот и проектот со барање да бидат поканети на планираната работилницата и список на релевантни заинтересирани организации кои би требало да бидат поканети. Пред 3 дена Еко-свест реагираше во јавноста дека не биле соодветно поканети на двете работилници (одржани во март и јули 2019 година), на што Град Скопје вчера изнесе реакција дека покани биле испратени по електронски пат.
Еко-свест одговорно тврди дека поканата испратена до официјалната адреса на Еко-свест не е стигната поради печатна грешка во е-маил адресата (емаил адресата е info@ekosvest.com.mk а не nfo@ekosvest.com.mk), а на останатите адреси поканата исто така не е пристигната, најверојатно од технички причини. Во минатото службите на Град Скопје освен испраќање на покана по електронски пат секогаш проверуваа и телефонски дали поканата е пристигната и дали ќе присуствуваме на нивните настани, кога тоа им беше од особено значење. За жал, во овој случај, не сме добиле никаков повик од страна на Град Скопје, ни за двата настани“, велат од организацијата.
Сепак, реакцијара не е само за поканите, туку и за начинот како се спроведува целиот процес, велат од „Еко свест“. Тие и понатаму се заинтересирани да учествуваат во изработката на документот.
„Очекуваме заедно со сите организации кои не биле известени за сите работилници и доставување на коментари, во интерес на добрата соработка да ни биде обезбеден продолжен рок за доставување на мислења и коментари по влезните податоци за Акцискиот план до крајот на август 2019 година. Воедно, се надеваме дека градските власти ја увидуваат улогата и важноста на граѓанскиот сектор и во иднина кон него ќе демонстрираат почит и вистинска желба за соработка“, стои во реакцијата на организацијата.
Покрај „Еко свест“, интерес за учество во процесот покажаа и Фронт 21/42, О2 Иницијатива, На Точак, Здравје пред Профит, Ние сме Карпош 4 и Го Сакам Водно. Дел од овие организации примиле покана само за првата работилница, а некои воопшто.
„На страницата на Град Скопје освен за првата одржана работилница на 27 март, нема никакви понатамошни информации ни за втората работилница, ниту пак за доставување на коментари во одреден рок во врска со Акцискиот план Скопје Зелен Град“, посочуваат од „Еко свест“.
Овој акциски план треба да даде насока за справување со најгорливите еколошки проблеми на градот во наредните 15-20 години.
Град Скопје: Изработката на зелениот акциски план е целосно отворена и транспарентена