Во Осиек ќе се отвори Музеј на лични приказни

Засега само виртуелно, но наскоро и во физички простор, во Осиек ќе може да се посети Музејот на лични приказни. Станува збор за музеј кој собира приказни кои произлегуваат од секојдневието на своите граѓани, поточно претставници на 22 национални малцинства во градот.

Автори на проектот се Жељко Ковачевиќ и Јовица Радосављевиќ. Првата малцинска група кои ја претставија се Ромите.

Во април се одржа изложбата „Ромски приказни“ на која беа претставени 18 приказни на жени Роми од повеќе хрватски краеви.

Приказните се засноваат на истражување на околу 100 Роми од различна возраст и социјално потекло, од истакнати личности, претставници на заедници, лидери и членови на локални организации и здруженија, до „обични“ луѓе. Секој од нив бил опширно интервјуиран за да се склопи личната животна приказна, фокусирајќи се на настаните и моментите што ги карактеризирале нивните животи.

Следна малцинска група која ќе биде претставена се Евреите. Идејата, велат авторите на музејот, е да воспостават интеркултурализам како основа на идентитетот на Осиек и регионот.

„Музејот произлезе од потребата во нашите заедници каде живееме и работиме, да ги преиспитаме заедничките ставови и предрасуди за малцинствата, презентирајќи различни наративи преку фотографија, предмет и документарно видео.

Станува збор за непишана, лична историја, како резултат на живеењето во интеркултурно опкружување кое претрпело нејзин раст и развој во културна и економска смисла, но исто така и конфликти, војна, па дури и распаѓање. Музејот на лични приказни поставува прашања кои бевме, како се справуваме со кои сме денес и што сакаме да бидеме“, стои во описот за музејот.

Тој ќе добие физички простор во ноември годинава, во поранешна австро-унгарска воена пекара која во моментов се реновира. Финансиска поддршка добиле од Министерството за култура и Европскиот социјален фонд.