„Холидеј ин“ ќе ги замени пластичните шишенца за шампон во следните две години

Една од најголемите светски хотелски групации ќе ги острани малите пластични шишиња за шампон и гел за туширање со цел да се намали пластичниот отпад.

Интерконтиненталната хотелска групација (IHG) најави дека во тоалетите низ 843.000 соби во светот ќе постават хигиенски средства во поголеми пакувања.

Американската компанија која ги поседува брендовите „Холидеј ин“, „Интерконтинентал“ и „Краун плаза“, во просек користи околу 200 милиони мали пластични шишиња за хигиена секоја година.

„Поважно е од кога и да било, компаниите да се соочат со себе и да работат одговорно – знаеме дека тоа го очекуваат нашите гости, колеги, инвеститори и добавувачи. Префрлувањето на хигиенски средства во поголеми пакувања во повеќе од 5.600 хотели низ светот е голем чекор во вистинска насока и ќе ни овозможи значително да го намалиме отпадот и влијанието врз животната средина“, вели извршниот директор Кејт Бар.

Неколку од брендовите на групацијата веќе користат хигиенски средства во поголеми пакувања.

Брендот „Холидеј ин експрес“ заедно со неколку други хотелски групи, меѓу кои и „Мериот интернационал“ и „Пенинсула“, претходно ветија дека ќе ги тргнат од употреба пластичните сламки од своите хотели до 2019 година.

Во април, Калифорнија донесе предлог-закон со кој може да се стави крај на бесплатните мали пластични шишиња за шампон и гел за туширање низ целата држава.

Членовите на државното собрание на Калифорнија гласаа во корист на предлогот на собранието, како дел од мерките за намалување на употребата на пластика.

Со предлог-законот се забранува хотелите, мотелите, одморалиштата да нудат мали пластични шишиња кои содржат 340 мл или помалку.