Садење дрвја за лиценца за оружје – нов закон во Индија за позелена околина

Жителите на провинцијата Пунџаб во Индија кои сакаат да поседуваат лиценца за користење огнено оружје отсега ќе мора да исполнат една необична задача – да посадат најмалку 10 дрвја.

Барателите на ваквата лиценца во областа Ферозепур ќе мораат, заедно со апликацијата, да испратат слики на кои се гледа како засадуваат 10 дрвца. Потоа тие се задолжени да испратат и уште 10 слики, 1 месец по садењето, со кои ќе докажат дека навистина се грижат за тие дрвца.

„Луѓето од Пунџаб се луди по големи автомобили, мобилни телефони и пиштоли – па нека бидат луди и по растенијата“, вели Чендер Гајнд, заменик комесар во областа.

Откако од минатиот месец е воведено новото правило добиени се повеќе од 100 апликации, при што жителите најмногу садат кикари и ним дрвја низ областа.

Пунџаб, област во северниот дел од Индија, која беше опфатена со насилно востание во текот на 1980-тите и 1990-тите, има добро воспоставена традиција меѓу граѓаните за поседување оружје. Според владини податоци, има скоро 360.000 активни дозволи за оружје ширум државата, што е меѓу највисоките во земјата.

Гајнд се надева дека новите правила за добивање лиценца може да доведат до садење 12.000 садници секоја година, помагајќи да се зајакне зелената покривка во областа и да се обноват тамошните извори на вода.

„Голем број дрвја се отстранија во изминатиот период во Ферозепур за да се овозможи проширување на патиштата, додека оризовите полиња полни со вода ја влошија состојбата и дополнително ги осиромашија изворите на чиста водата“, рече Гајнд.

Областа размислува и за воведување на истото правило и при барањата за обновување на лиценците, за што има 500 апликации секој месец.