Француската организација „Робин Худ“ поднесе тужба против непознат сторител поради можноста за сериозно загадување на воздухот со олово по пожарот во катедралата Нотр Дам, јавуваат француските медиуми.
По катастрофалниот априлски пожар, од организацијата предупредја на можна опасност, бидејќи во потпокривот на Нотр Дам изгореа околу 400 тони олово, кое подоцна падна на површината и се прошири во облик на прашина внатре и околу објектот. Сметаат дека властите немаат преземено соодветни мерки за превенирање на опасностите на кои биле изложени работниците на градилиштето и станарите во околината.
Минатата недела властите инсистираа на тоа дека загадувањето со оловото од пожарот не претставува никаква опасност, откако беа објавени медиумски извештаи дека има високи нивоа на загадување во околните училишта.
Сепак, највисокиот владин претставник во Парискиот регион во четвртокот нареди да затвори познатиот споменик, велејќи дека мерките против загадување не се доволно силни и „не се применуваат доволно“. Пред новинарите изјави дека затворањето може да потрае цела седмица, додека не бидат воведени нови безбедносни мерки.
Кадот додаде и дека требало да се воспостават построги контроли во катедралата, на влезовите и излезите, како и во околината.
Вдишувањето или внесувањето на олово може да доведе до низа здравствени проблеми, вклучително и оштетување на нервниот и репродуктивниот систем, а најранливи се децата.
Во својата жалба, „Робин Худ“ ги обвинува властите дека намерно ги загрозуваат луѓето и за „не помагање на лица во опасност“, објави Ле Монд. Недостатоците лежат и во спроведувањето на заштитни мерки и во комуникацијата на потенцијалните опасности кон работниците и жителите кои домуваат околу Нотр Дам.
„За три месеци, акумулиравме доволно докази за инерцијата на јавните власти, за да одлучиме да отпочнеме правна постапка“, рече Жеки Бонмен, претседател на Робин де Боис за „Ле Монд“.