„Господ постои, името и’ е Петрунија“ ја доби наградата на критичарите – „Фипресци“ на штотуку завршениот Мотовун Филмскиот фестивал во Хрватска.
На фестивалот се натпреваруваа 20 филмови за двете награди што се доделуваат. Главната награда Пропелер ја доби исландскиот филм “Бел бел свет”, а наградата на критичарите „Фипресци“ припадна на македонскиот филм.
„Главната актерка не освои со одличен актерски израз и брзо не увери дека главниот лик е паметна жена која е комплексна личност и која ја открива нејзината моќ во текот на филмот. Таа е симбол на потребата за слобода во многу свери и укажува на неопходните промени. Филмот е црна комедија, врвно изрежирана, монтирана, динамична и брзо го вовлекува гледачот во неговиот свет“, стои во образложението за наградата од тричленото жири во состав: Маријана Јаковљевиќ, Јел Шот и Јасмила Шепетач.
Fédération Internationale de la Presse Cinématographique е најстарото и највлијателното друштво на филмски критичари во светот, обединувајќи критичари од 50 земји од целиот свет. Наградата која ја доделува ова здужение, со нивните меѓународни критичари, носи голема популарност помеѓу филмските автори. Мотовун Филмскиот фестивал е 37 фестивал во светот каде се доделува оваа награда.