[Видео] Анима Мунди: Хорор услови во стационарот во Гостивар

Здружението за заштита на животни, Анима Мунди, реагира на лошите услови во гостиварскиот стационар за бездомни животни.

Нивните активисти објавија видео на кое може да се забележат кучиња во ужасна состојба во руиниран и напуштен објект.

„Руиниран напуштен објект, целосно ограден, дел само со дупки преку кои едвај влегува малку воздух, и без светлина; со нула законски стандард за стационар, дувло како да е создадено по највисоки стандарди за мачилиште. Наоколу живи но и мртви, расфрлани трупови од кучиња. Нелегален објект преполн со преплашени и повредени кучиња, оставени без храна и без вода, да умираат во сопствениот измет или меѓу себе да се јадат живи – ова е стационарот на општина Гостивар“, стои во објавата на Здружението.

„Во 21 век Македонија е најлош можен кошмар и халуцинација, но нема будење. Суровоста кога не се казнува, метастазира, а како што тргнало нам ни нема лек. Третманот кон живи битија е нашето огледало, огледало на властите и институциите кои се платени да работат во интерес на граѓаните и животните согласно стандарди својствени за цивилизирани општества; за кои сме ние за жал само паралелен универзум, другата крајност полна изопаченост и садизам“, додаваат од Анима Мунди.

Активистите најавуваат дека за случајот ќе поднесат пријави до надлежните институции.