Илјадници демонстранти во Хонг Конг пркосат на полициската забрана за протест

Десетици илјади граѓани во Хонг Конг излегоа на улиците и ги блокираа главните сообраќајници и покрај полициската забрана за одржување протест.

Демонстрантите носеа црна облека и препознатливите чадори додека извикуваа пораки против полицијата. Полицијата дозволи протест да се одржи само во централниот парк на градот-држава, но истовремено ги прогласи сите протести на локации надвор од паркот како нелегални, пренесе Би Би Си.

Во саботата полицијата употреби солзавец и гумени куршуми врз граѓаните кои протестираа против власта во Хонг Конг.

Демонстрациите беа предизвикани од контроверзниот закон со кој би се олеснила постапката за екстрадиција на обвинети во Кина. Критичарите велат дека овој закон ќе се користи за прогон на политичките активисти во Хонг Конг.

Владата во Хонг Конг во меѓувреме најавија дека постапката за носење на законот ја ставаат во мирување, но демонстрантите бараат целосно повлекување на законот, како и истрага за полициското насилство и процес на демократски реформи. Тие бараат и оставка од лидерот на градот-држава, Кери Лам.