Мал број на патеки за возење велосипеди и тротинети, автомобили кои го попречуваат движењето, но и пешаци кои се движат по велосипедските патеки наместо по тротоарите. Ова се најголемите поплаки кои корисниците на електричните тротинети ги забележуваат низ Скопје во последниов период.
Сензацијата со ова превозно средство кое го затресе целиот свет пристигна и кај нас. Особено со јавните повици од Град Скопје за нивно субвенционирање.
Малите тротинети кои се движат со помош на електричен мотор се навистина ефикасни, брзи, нечујни и еколошки. Достигнуваат брзина до 30 км/час, воопшто не ја загадуваат околината и без да вложите било каков напор ве носат до посакуваната дестинација за кратко време.
Меѓутоа, иако се чинеше дека е-тротинетите се совршеното решение за избегнување на гужвите низ градот, брзо се појавија серија на проблеми. Бидејќи се пребавни за коловозните ленти, а пребрзи за тротоар, овие превозни средства ги користат велосипедските патеки како најидеални за возење по нив. Клучниот проблем е што во главниот град овие патеки се вистинска реткост.
Ги запрашавме пешаците и возачите што тие мислат за е-тротинетите и какви проблеми тие гледаат во нивната се почеста појава на улиците.
„30 км/час не е мала брзина за нешто што се движи до пешаци“, вели Благоја, корисник на ваков е-тротинет. „Шансите да се направи несреќа се големи, особено во овој град каде нема доволно означени вело-патеки и мора да се движиш покрај пешаци.“

Радио МОФ токму оваа недела (на 23 јули) беше сведок на сообраќајна несреќа во близина на Сити Мол во која беше вклучен е-тротинет
Покрај тоа самите е-тротинети не се вклучени во законските акти и нивното користење не е на никаков начин регулирано. Инфраструктурните и законските проблеми, иако најочигледни, не се и единствени.
„Користам е-тротинет веќе 6 месеци и најголем проблем ми се пешаци кои не ги почитуваат означените патеки и одат по местата наменети за велосипед“, вели друг корисник.
Најдобра илустрација на сè помасовното користење на е-тротинетите кај нас е фактот што годинашниов јавен повик за субвенционирање на набавка на овие превозни средства се затвори по само еден ден.
Град Скопје досега имаше два вакви повици преку кои се субвенционирале нешто преку 300 е-тротинети. На првиот повик, минатата година, биле исплатени субвенции за 109 е-тротинети, додека пак оваа година бројката е зголемена на 200 субвенционирани е-тротинети. Субвенциите беа во вредност од 30% од вкупната сума на тротинетот, но не повеќе од 7.000 денари.
Се обративме до Министерството за внатрешни работи со цел да добиеме информации за тоа кој е нивниот план за решавање на проблемите поврзани со е-тротинетите.
Од таму кратко одговараат дека за сега овој вид на превозно средство не е вклучено во Законот за безбедност во сообраќајот, но работат на негово дополнување.
„Министерството за внатрешни работи подготвува законски измени и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а сè со една цела – нормативно регулирање и воспоставување на стандарди за безбедност и за овој вид учесници во сообраќајот.“, стои во одговорот од МВР.
Но не сите мислења за зголемениот број на е-тротинети се негативни. Голем дел од граѓаните не гледаат некои посериозни проблеми со сè помасовното користење на овие превозни средства. Има и такви кои во нив наоѓаат соодветна замена за автомобилите и велосипедите.
„Дека повремено возат на улица и не се слушаат тоа е точно. Меѓутоа, за разлика од велосипедистите, кај е-тротинетите ова не претставува толкав проблем. Немаат патеки па мораат да возат на улица“, вели еден таксист. Според него ова средство е ефикасно и многу добро.
„Ми се допаѓа тоа што градот ги субвенционираше и дури размислувам и самиот да купам еден ваков тротинет.“, дополнува тој. „ Со велосипедите и моторните возила имаме проблеми што се далеку по диви и послободни во возењето. Го сечат патот. Кај возачите на е-тротинетите пак имам забележано дека и тие самите се чувствуваат далеку понесигурни да излезат на улица и возат повнимателно.“, подвлекува такси возачот.
Пешаците пак кои никогаш не возеле електричен тротинет главно немаат проблеми со нив.
„За сега немам забележано дека не ги почитуваат сообраќајните правила, си возат по обележаните патеки и имаат добра сообраќајна култура“, вели еден граѓанин.
Но, лошата инфраструктура и законските недостатоци остануваат како проблем. Веќе почнаа да се забележуваат сообраќајни несреќи во кои се вклучените е-тротинети. Проблемот во тие случаи е, секако, кој е виновникот? Во која категорија спаѓаат овие превозни средства? Дали се тие моторни возила, велосипеди или пак пешаци кои користат детска играчка?
Георги Божиновски