Премиера на „Несоодветно за на работа“ во режија на Доналд Ворен Мофет вечерва на Охридско лето

Претставата „Несоодветно за на работа“ („Not Safe for Work“) на Драмски театар вечерва ќе биде премиерно изведена во Центарот за култура во Охрид, во рамки на фестивалот „Охридско лето“ од 21 часот.

Режисер на претставата е американскиот актер и професор Доналд Ворен Мофет, кој ја подготвуваше во Скопје, а е напишана од британската драмска писателка Луси Кирквуд.

Улогите ги толкуваат Ирена Ристиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Зоран Љутков, Дамјан Цветановски и Стефан Вујисиќ.

Мофет е еден од основачите на  Remains Theatre Ensemble од Чикаго, каде учествува како глумец, режисер и продуцент во над 40 претстави. Првпат го привлекува вниманието на јавноста настапувајќи во ценетата драма на Лери Кремер, „The Normal Heart“ во њујоршкиот „Public Theatre“. Подоцна се појавува на Бродвеј во „The Boys of Winter“ и „The Real Thing“, како и  продукцијата на „The End of Day“ од Џон Робин Бејтс. Меѓу неговите позначајни актерски остварувања е настапот со Кевин Спејси во одличната продукција на „The Philadelphia Story“ во лондонскиот театар „Old Vic“ во 2005 година.

По преселбата во Холивуд, кариерата на Мофет е поделена меѓу филмот и телевизијата. Неговите главни филмски појавувања ги вклучуваат улогите во „Stealing Beauty“ во режија на Бернардо Бертолучи, „Thirteen“ во режија на Кетрин Хардвик, „Twisted“ во режија на Филип Кауфман, како и „Traffic“ на Стивен Содерберг, за која освои Screen Actors Guild Award.

Од 2016 год. Д. В. Мофет работи како професор на Катедрата за филм и телевизија на Колеџот за уметности и дизајн во Савана, Џорџија.