МНР со единствен контакт центар за итни случаи на македонските граѓани во странство

Доколку граѓаните на Република Северна Македонија го изгубат пасошот, или имаат некаква посериозна незгода додека се во странство, отсега ќе можат да добијат услуги преку Глобал СОС контакт центарот кој денеска беше промовиран во Министерството за надворешни работи.

Преку Глобал СОС контакт центарот граѓаните ќе бидат поврзани со соодветната институција или конзуларен службеник кој ќе може да им ја обезбеди итната конзуларна услуга.

Глобал СОС функционира на телефонскиот број +389 75 273 372 преку директен повик или на Viber, преку e-mail адресата globalsos@mfa.gov.mk, преку интернет страницата mfa.gov.mk како и преку социјалните профили на МНР на Facebook и Twitter.  Од МНР посочуваат дека за многу кусо време ќе бидат достапни и апликациите WhatsApp и FB Messenger.

Граѓаните можат да се обратат за секој случај кој го сметаат за итен, а особено за случаи како смртен случај или несреќа, изгубен или украден пасош, сообраќајна или друга незгода, елементарни и природни непогоди.  Од МНР апелираат граѓаните да го користат контакт центарот само за итни случаи.

Виртуелниот контакт центар работи од 08:00 – 22:00 часот секој ден, а на интернет страницата на mfa.gov.mk се објавени дежурни телефони во сите Дипломатско конзуларни претставништва, кои се достапни 24/7.  За кусо време и контакт центарот во МНР ќе биде достапен 24 часа.