Преку 100 луѓе биле приведени за време на демонстрациите во Казахстан предизвикани од незадоволството меѓу граѓаните поради начинот на смената на власта во земјата.
Полицијата го блокирала сообраќајот во областа каде се одвивал протестот во најголемиот казахстански град Алмати, пренесе Н1 ТВ.
Новинската агенција КазТаг во меѓувреме соопштила дека меѓу притворените се и малолетници, а истовремено информираа дека полицијата се заканувала на новинарите кои се обидувале да земат изјави од демонстрантите. Според дел од медиумите, во деловите на Алмати, каде се одржувале протестите, била блокирана интернет конекцијата.
Вчерашниот протест беше организиран од протераниот тајкун, Муктар Аблиазов, кој е жесток противник на владејачката елита во Казахстан. Првите протести беа одржани пролетва, кога долгогодишниот претседател Нурсултан Назарбаев неочекувано поднесе оставка и именуваше наследник.
Голем дел од граѓаните ова го сметаа за обид на поранешниот претседател и неговите сојузници да ја зацврстат својата власт. Наследникот на Назрбаев, Касим Јормат Токаев, освои 70 проценти од гласовите на вонредните претседателски избори кои се одржаа минатиот месец.
Тогаш беа приведени повеќе од четири илјади луѓе поради протести низ земјата за време на гласањето. Протестите повторно се активираа вчера на 79-тиот роденден на Назарбаев.