Порталот OhridPress постави „UNESCO Бројчаник“

„Како едно колективно потсетување за сите до каде е реално дојдена работата со заштитата на Охридскиот регион, од денес ќе знаеме уште точно колку време остана до 1-ви февруари 2020 година“, соопштија од порталот OhridPress кои на својата интернет страница поставија „UNESCO Бројчаник“ кој го одбројува времето до кога македонските власти треба да ги спроведат препораките за заштита на природните богатства, рок кој беше даден на 43. сесија на УНЕСКО што се одржи во Баку, Азејберџан.

Од OhridPress велат дека бројчаникот ќе остане до 1-ви февруари и ќе ги потсетува сите, а особено одговорните и најзасегнатите, за важноста, но овој пат и за брзината, со која мора да ги носат одлуките.

„Денес во Баку беше официјализирана одлуката UNESCO да му даде уште една шанса на Охрид. Одговорните имаат време до први февруари да ги исполни сите 19 препораки или во спротивно на следната сесија во јули ќе заврши на листата загрозени подрачја. Одлуката беше донесена попладнево на сесијата во Баку и подразбира мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на езерото, уривање на дивоградбите, изработка на детална анализа за состојбите во регионот и ревиталзација на колекторскиот систем. Истите препораки важат и за албанската страна од езерото“, напишаа од OhridPress.