Ромите се соочуваат со понеповолна здравствена состојба од останатото население. Новороденечката смртност помеѓу Ромите е за 1,5 пати повисока за разлика од македонското население во 2017 година. Во истата година речиси 50% од смртните случаи кај Ромите се случиле пред 65-та година од животот, за разлика од 23% кај останатото население, велат здружение организации, кои денес одржаа прес конференција.
Според организациите, превентивната здравствена заштита по однос на репродуктивното здравје, како и здравјето на мајките и децата е клучна во овозможување здрав почеток на животот и со тоа подобрување на здравјето на целото население.
Преку работата на здруженијата на полето на имунизација на децата Роми во општините Шуто Оризари, Делчево, Виница и Пехчево, опфатот на децата Роми со вакцинација значително се зголеми од 2012 до денес и во моментот опфатот е над 90%.
„Меѓутоа Ромската заедница од овие општини се уште се соочуваа со проблеми во пристапот до превентивната здравствена заштита за унапредување на женското репродуктивно здравје и здравјето на мајките и децата. Клучни детектирани проблеми се: недоволен опфат со посети од патронажни сестри, недоволен опфат со здравствена едукација, недоволен опфат со систематски прегледи за децата вон образовниот систем, недоволен опфат со Програмата за скрининг на рак на грлото на матката и наплаќање на услугите од страна на матичните гинеколози“, соопштуваат организациите.
Нагласуваат дека во општината Шуто Оризари, работат само две патронажни сестри што не е доволно за соодветно спроведување на посетите за време на бременоста и по породувањето, ниту за соодветно идентификување на невакцинирани деца на терен.
Само 4% од ромските домаќинства ги посетила патронажна сестра за да го провери картонот за вакцини и да им даде информација за вакцинација.
„Според податоците од основните училишта над 450 деца не посетуваат редовно образование, а само 40 деца надвор од образовниот систем се опфатени со систематски прегледи. Во моментот нема доктор во одделот за превентивна здравствена заштита и вакцинација на предучилишни деца. Иако Министерството за здравство секоја година планира едукативни работилници за родители Роми за детско здравје, податоците говорат дека ниту едно лице од ромската заедница не учествувало на овие едукации. По однос на женското репродуктивно здравје, 37% од жените немаат избрано матичен гинеколог. Исто така, 72% од жените не посетиле гинеколог за превентивен преглед во изминатите 12 месеци, додека 34% од жените никогаш не посетиле гинеколог“, велат граѓанските здруженија
Во однос на здравствената заштита за време на бременоста, 13% од жените при последната бременост не направиле медицински преглед во првото тромесечје од бременоста (како што е препорачано од Светската здравствена организација).
„Оваа состојба се должи на низа на проблеми со кои се соочуваат жените Ромки од Шуто Оризари меѓу кои клучни се: во општината има само еден матичен гинеколог кој не го говори македонскиот јазик, останатите матични гинеколози се наоѓаат на поголема оддалеченост од општината, гинеколозите им наплаќаат на жените Ромки за прегледите кои според постоечката регулатива се бесплатни (дури на 81% од жените кои посетиле гинеколог им било наплатено за услугите), жените Ромки се соочуваат со финансиски потешкотии за да можат да направат гинеколошки преглед. Исто така покани за ПАП тест според Програмата за скрининг од 2012 до 2017 година, НЕ добиле 96% од жените Ромки кои имаат избрано матичен гинеколог“, велат организациите.
По однос на состојбите во општините Делчево, Пехчево (с. Црник) и Виница, констатираат дека не се спроведуваат едукации за родители Роми за детско здравје и вакцинација, ниту им се дели здравствено едукативен материјал на родителите.
Оттука, од ресорното Министерството за здравство и од останатите надлежни институции бараат вработување на најмалку две патронажни сестри кои ќе работат во општината Шуто Оризари.
Потоа, вработување на доктор во одделот за превентивна здравствена заштита на деца на предучилишна возраст во Шуто Оризари, обезбедување на континуирана здравствена заштита во с. Црник, доследно спроведување на мерките за теренско откривање на деца вон образовниот систем и нивно упатување на систематски прегледи и вакцинација, предвидено во Програмата за систематски прегледи на Министерството за здравство.
„Доследно спроведување на здравствените едукации во ромски средини предвидени во Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата. елиминирање на незаконската пракса за наплаќање на здравствените услуги кај матичните гинеколози, но и програмата за скрининг на рак на грло на матка да бидат предвидени мерки за едукација и зголемен опфат на жените Ромки со оваа Програма“, стои во соопштението на Здружението ЕСЕ, Здружение за развој и унапредување на ромската заедница Романо Чачипе, НВО КХАМ и Иницијативa за развој и инклузија на заедниците – ИРИЗ од 2011 година работат на унапредување на здравјето на Ромите во општините Шуто Оризари, Делчево, Пехчево и Виница.
Работата е финансиски поддржана од Фондацијата Отворено општество Македонија.