Ракатрак – едукативен центар кој ќе ги врати загубените животни вештини кај младите

Ракатрак – природен едукациски центар за деца за животни вештини е еден од победниците на натпреварот за зелени бизнис идеи, во организација на здружението за социјални иновации „АРНО“.

Една од најважните цели на овој центар е позитивно да влијае врз децата, поточно да ги создаде и негува животните вештини кои постоеле кај постарите генерации, а кои со текот на времето во модерното општество полека исчезнуваат.

„Ние креиравме школо за животни вештини надвор од градската средина, во село Чучер на Скопска Црна Гора, место каде што јас и мојата фамилија се преселивме пред неколку години. Идејата беше да создадеме нешто што недостасува, а тоа е простор каде децата, родителите и сите други лица од различни возрасни групи ќе можат да ги научат животните вештини од готвење па сѐ до градење куќи.“ вели Дејан Спасовиќ, еден од членовите на Ракатрак.

„Денес, немајќи ги тие вештини, прераснуваме во луѓе-конзумери кои нарачуваат работи од продавница што можат сами да ги направат дома или се јавуваат на мајстор за нешто што може да се изгради или поправи со помош од пријатели. Така, идејата прерасна во едукациски центар каде овие вештини ќе ги негуваат и развиваат сите ентузијасти.“, надополнува тој.

Едукативниот центар е замислен да работи како hub-центар, кој првенствено нуди едукативни работилници-летни и зимски, пролетни и есенски, но и многу други работи, надвор од Скопје.

„Ние го поделивме центарот во неколку секции: од секција за работи во и вон домот, готвење, креирање играчки, до работилници за storytelling – раскажување приказни и работилници за создавање на куќички за домашни миленици.“, раскажува Дејан.

За Ракатрак, успех е ако децата се задоволни и уживаат во тоа што го прават. Според нив, најважно е децата да имаат насмеани лица, а сѐ понатаму е додадена вредност.

„Пред сѐ, во овој центар ќе им биде овозможено да бидат деца, да пробуваат да направат работи, да грешат и да научат од грешките, да се запознаат со новата средина, како да комуницираат со луѓето околу нив. На нив ќе им треба повеќе внимание и посветеност. Треба да почнеме од себе, ако сакаме да помогнеме во решавање на општествените проблеми“, појаснува Дејан.

Според него, неминовно е влијанието од заедницата, а кога луѓето се опкружени со нови технологии, забораваат на основните работи околу нив.

„Во оваа работа не сакаме да отфрлиме нови трендови, туку сакаме да се присетиме на работите што постоеле околу нас и што ги правеле луѓето околу нас, создавајќи место каде учесниците ќе можат да се чувствуваат комотно во својата работа. Колку и да си модерен и сајбер, пак ќе имаш потреба да посетиш пекарница и да купиш леб“, заклучува Дејан.

Стефан Митиќ