Жителите на Иловица-Штука: Ако успееме во борбата, ќе ја спасиме струмичката околија

Жителите на Иловица и Штука заедно со активисти вчера се собраа на 10-тиот ден за ја продолжуваат борбата против отворањето на рудници во нивната околина. Уште од 5 часот наутро ги зафатија позициите на падините на планината Огражден. Радио МОФ ги посети на лице место, каде со ентузијазам раскажуваа за нивните собири и за солидарноста меѓу нив.

Со деновиве жителите се собираат,се дружат и опстојуваат со заедничка цел – да ја зачуваат планината и околината во сегашната состојба.

Еден од учесниците на овој собир ни објасни како е благодарен на земјата и околината која му овозможила опстанок преку земјоделието, после добиениот отказ од работното место.

Иљо Малинов, 72 годишниот земјоделец од Штука, попознат помеѓу жителите како Дедо Иљо, вели дека според него рудникот ќе претставува опасност за целата струмичка околија, која брои околу 72 села.

„Таа котлина уште за време на Југославија и ден денес е една прочуена земјоделска котлина. Тука има потенцијал за храна и за пошироко, не само за Македонија, моментално и се случува, тоа мене ме загрижува. Струмичката околија е ретко нешто кое го има некаде, секој двор во струмичката околија, да земе некој една цефка каде сака да ја „забоде“ во земјата, ќе наиде на употреблива вода, а со тој рудник имаме сознание, размислуваме дека сето тоа ќе биде уништено. Бенефитите од тој рудник се нула спрема тоа што го кажав“, вели Малинов.

На 300 метри од нив се наоѓа браната Иловица која со години наназад е собиралиште за младите. Активистите во повеќе наврати организирале акции за чистење на местото. Како што велат, утрото на локацијата имало околу 80-тина граѓани, кои постојано доаѓаат и заминуваат поради секојдневните обврски.

ФОТО: Браната кај Иловица

Кирил Пасков е уште еден од учесниците на овие собири. Тој 38 години живеел во Швајцарија, но решил да се врати. Вели ако се изгради рудникот, ќе бидат присилени со неговото семејство да си заминат. Загрижен е дека неговите деца и внуци кои се уште живеат во странство нема да може да си дојдат, бидејќи како што вели, ќе остане само пустелија.

„Се додека работата не е во наш интерес, не само на нас, ние сме тука, туку индиректно во интерес на сите граѓани, ние ќе бидеме тука, па дали ќе биде преку нас, нашите тела или на друг начин, ние ќе бидеме присутни. Ако успееме, ќе ја заштитиме цела струмичка околија“, вели Пасков за Радио МОФ.

Веќе напладне, луѓето ја исчистија околината, го собраа ѓубрето и се вратија во своите домови. Со ентузијазам ја чекаа најавената одлука на Владата. Но, само неколку часа подоцна беа разочарани, тоа не е она што го очекуваа.

На седницата се донесе одлука Владата да го задолжи Министерството за економија да ја испита правната исполнетост на барањето за добивање дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато, на „Eуромакс“ на локалитетот „Иловица“, Општина Босилово и Општина Ново Село, и доколку не се исполнети правно-формалните аспекти да го одбие барањето на концесионерот.

Според нив, од лани до денес речиси ништо не е сменето. Но, не се откажуваат. Велат дека и во наредните денови остануваат на своите позиции.

Мартин Колоски