Истражување: 76% од младите никогаш не волонтирале

Недоверба во волонтерските активности, погрешни толкувања на законот и недоверба во институциите се дел од причините за ниската вклученост на младите во волонтерски активности. Ова го покажува новото истражување на Коалиција СЕГА во партнерство со Здружение КОНЕКТ Скопје и Младински Културен Центар Битола.

На денешната конференција „Предизвици на практикување на волонтерство во заедницата“ ги анализираа овие проблеми и понудија решенија како да се поттикне волонтерството во државата.

Според извршниот директор на Коалиција СЕГА, Зоран Илиевски, потребно е создавање нова стратегија, измени и дополнувања во Законот за волонтерство.

„Според нашите истражувања, дури 76% од младите никогаш не волонтирале што е очигледен доказ дека владее демотивираност и недоверба во волонтерските активности и институците кои ги промовираат“, истакна тој.

Со истражувањето се анализирала положбата на младите во рамки на заедницата во која живат со помош на алатката „Индекс“, специјално креиарана во рамките на проектот на кој овие организации работеа изминатиов период.

Младинскиот културен центар во Битола, кој постои повеќе од 10 години, е една од граѓанските организации кои го промовираат волонтерството на локално и национално ниво.

„Организациите како нашата се клучни во нудењето на места за волонтирање, како и во вршење на улогата како посредници помеѓу младите и овие активности.“, објаснува Златко Талески, извршниот директор на МКЦ Битола.

Тие како позитивен пример го споменуваат локалниот волонтерски совет во општина Битола, како едно интерсекторско тело составено од граѓански организации, општински институции и општински училишта кои работат со цел да ги обединат сите волонтерски иницијативи на едно место, како и да вршат советодавна улога на советот на општината.

„Здружение КОНЕКТ како организација ја промовира филантропијата, односно приватниот удел што секој граѓанин го инвестира во подобрување на животот и општото добро во заедницата во која живеат“, истакна Никица Куиникова, извршна директорка на здружението.

„Волонтерството е само еден од начините како луѓето можат да придонесат во општеството, не со финансии и ресурси, туку со својот труд. Тоа промовира активност и самоиницијативност во подобрување на животот во заедницата.“, додаде таа.

Една од целите на КОНЕКТ е да ја следи имплементацијата на законот за волонтерство, неговото спроведување и толкување во пракса.

Главните проблеми што тие ги забележуваат во поглед на законот, како што вели Куиникова, се бројните недоразбирања и погрешни толкувања на законот.

„Луѓето сметаат дека волонтерството е пракса, чекор до наоѓање работа или нешто за кое вие треба да бидете платени“, забележа таа.

„Реалноста е дека овие верувања во целост го нарушуваат основниот принцип на волонтирање.“, подвлече Куиникова.

На конференцијата учествуваа претставници и од Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд, граѓански организации и неформални иницијативи кои промовираат и практикуваат волонтерски активности.

Георги Божиновски