Fridays for future Skopje и поддржувачите утре ќе се приклучат на вториот Глобален климатски протест

Активистите и поддржувачите на Fridays for future Skopje утре (24 мај) од 12 часот пред Владата ќе одржат нов протест, со што се приклучат на вториот Глобален климатски протест.

Ова е продолжение на протестот од 15 мај, кога повеќе од милион ипол млади излегоа на улиците на 2069 градови во 125 земји во светот.

Според движењето Fridays for Future Skopje (Петоци за иднината Скопје), на вториот глобален протест бројката ќе биде уште поголема – овој пат покрај младите треба да излезат и сите други, во борбата за спас на светскиот екосистем од климатските промени.

Како што велат, протест е против „застарените и погубни начини на правење на нештата“ и за иднина во која ќе бидеме и ние.

„Скопје повторно ќе биде дел од светскиот штрајк, затоа што е критична точка на континентот кога станува збор за загадувањето, и нашите власти мораат да вложат повеќекратно поголем напор од останатите да ја поправат состојбата со животната средина на долг рок, а не да го игнорираат проблемот како досега“, соопштуваат од Fridays for Future Skopje.

Од движењето посочуваат дека од последните 18 години, 17 се најтоплите во историјата откако мерењето на температурата на планетата е започнато. Секоја од последните три декади е последователно потопла од било која декада пред 1980-тите, што предизвикува забрзано топење на мразот на северниот и јужниот пол и зачестени катастрофални временски непогоди од типот на урагани и суши.

„Науката има објавено недвосмислени докази дека причината за ваквите нетипични промени на земјината атмосфера антропогени, предизвикани од страна на човекот и неговите економски, општествени и индустриски активности. Зголеменото ниво на јаглерод диоксид заробен во атмосферата ја задржува топлината од сонцето создавајќи ‘ефект на стаклена градина’. Овој вишок на јаглерод диоксид произлегува од масовното согорување на фосилни горива, како извор на нафтата за автомобилите, керозинот за авионите, енергетските системи базирани на ископување на јаглен и работата на големите индустриски капацитети. Ставајќи ја нашата удобност пред одржливоста, ние како човечки род ризикуваме да го изгубиме светот кој го познаваме. Колапсот на екосистемите на оваа планета ќе значат и огромен број жртви на поплави и глад, масовни миграции и влез во анархија и битка за опстанок. Затоа, мора да разбереме дека планетата не ни припаѓа само нам за исцрпно користење на ограничените природни ресурси, туку ние и припаѓаме на неа. Планетата Земја може да преживее без луѓето кои ја населуваат, но луѓето не можат да преживеат без Земјата“, потенцираат од Движењето.

Од првиот протест на Fridays for future Skopje

Активистите нагласуваат дека со 8 милијарди жители и нивните зголемени потрошувачки навики, научниците пресметале дека до 2050 Земјата нема да биде во можност да обезбеди доволно храна, а милионите тони пластика, која откако ќе биде создадена преку преработката на фосилни извори, и често искористена за еднократна употреба, ќе заврши во океаните. Нејзиното разградување не само што дополнително го зголемува јаглеродното ниво во атмосферата, туку и ќе го забрза изумирањето на животински видови клучни за опстојување на ланецот на исхрана.

„До 2050 потребни ќе ни бидат четири дополнителни земјини топки за да ги задоволат нашите потрошувачки навики. Но, имаме само една на располагање и доколку таа не нѐ издржи, немаме каде да одиме“, се вели во соопштението на Fridays for Future Skopje.

Дел од собирите на движењето

Затоа, „Петоци за Иднината Скопје“ како дел од глобалното движење на Грета Тунберг „Fridays for Future“ ги започна своите активности во борбата против климатските промени на 15 март 2019 и оттогаш активно работи на подигнување на свеста кај граѓаните за еколошката криза во која се наоѓаме, и за создавање притисок кон властите кои ја поседуваат моќта за да ги направат неопходните промени.