Евалуацијата на претходно донесените ДУП-ови, односно како се донесувале одлуки за урбаниот раст, покажа многу ниско ниво. Ниту анализа, ниту моделирање, ниту точни податоци. Како резултат е видлива социјална нееднаквост меѓу региони во општина Центар, непропорционален урбан раст. Се забележува недостаток на зелена инфраструктура и немање евиденција на зеленило. Целосно недостасува оптимизација на јавниот транспорт за да може да помогне против загадувањето. Континуирано се намалувале зелените површини и има подрачја каде основните комунални услуги не се достапни на граѓаните. Целиот склоп донесе висока загаденост, вели Јана Андреевска – Белчева, активистка од „Здравје пред профитот“, а од 2017 година и претседателка на Советот на Општина Центар.
Андреевска – Белчева беше дел од конференцијата „Како да го зазелениме урбанизмот?“ во организација на „Зелен институт“ и ДОМ. Настанот беше со фокус на урбаното планирање и урбаното зеленило, како неопходен услов за квалитетен живот.
Претседавачката на Советот на Центар зборуваше за искуства од ревизијата на ДУП-овите во оваа општина, која донесе поделени мислења, реакции, пофалби, но отвори и многу процеси и укажа каде се правени грешки. Според неа, многу е важно да се планира урбаниот раст, инклузивно, со одржливост на процесите. Урбанистичките планови треба да бидат квалитетни за да го решат просторот. Потоа, да има правилни политики базирани на квалитетни информации.
„Морам да речам дека институциите потфрлија многу пати досега. За среќа, граѓаните пружија рака, не само критички, туку и со нивнo активно вклучување. Затоа, вредна е да се спомене иницијативата #НеБидиЃубре, кои навистина работеа на подигнување на свеста за проблемот, иако тука беа и 02 Иницијатива и ред други граѓански активисти“, рече Андреевска – Белчева.
При презентацијата на делот „од ветување до реализација“, истакна дека зеленилото ќе се евидентира, ќе се вметне во ГИЗ база, безбедноста се става како критериум во планирање на сообраќајот, а направена е евиденција и на енергенсите за затоплување на домаќинствата.
„Во однос на структуираност на жителите, не се знае бројот на жители по територија. Не се следеле обврските што ГУП-от ги има со број на жители по градска четврт. Сега и тоа строго се контролира. Отворено тргнавме да ги вклучиме граѓаните во повеќе процеси за урбанистичките планови. Од друга страна, слаба точка е инспекцијата. Мислам дека имаме малку инспекција на терен. Градежна машинерија, за жал, гледаме и кога смее, и кога не смее да се движи по улици. Обезбедување на градежни објекти за да нема прашина и бучава се случи кога дојде папата. ‘Беко’ го гледавме како се руши, а прашината сите ја дишевме“, забележа Андреевска – Белчева.
Евалуираните планови, имале само од 0 до 10% зеленило на ниво на План. Истото се однесува и на градежна парцела, ама, вели таа, параметарот многу често текстуално е напишан, но во пракса не е точен. Воочени се и промени во постојниот ДУП, кадешто има зелени површини – со ново решение станале градежни парцели.
Професорката и архитектка, Дивна Пенчиќ, продолжи со презентацијата за ДУП-овите. Обично, вели таа, добивале коментари од планерите и донесувачите на закони дека „зеленилото го има, ама не се гледа во плановите“. Што, според неа, е навистина тешко за контролирање.
Односно, кога нема видливо што е зеленило и како се обезбедува, тогаш никој не се чувствува обврзан да го реализира.
„Акутен е проблемот со неевидентирање на состојбата. Со ваков начин на планирање – го губиме и она што го имаме. Многу одговорно ќе кажам колку неодговорно се планира. Еве, Градски ѕид има извонредно зеленило. Во плановите не се гледа. Тогаш кога не се гледа, може да стане паркинг, поплочена површина, без никаква одговорност да се исечат сите дрвја… Законот за урбано зеленило многу ни помага, и мора некако да се почитува“, забележа Пенчиќ.
Сфатиле дека недостигаат зелени мали џепчиња, игралишта за деца, но и каде да се стават контејнерите, што според Пенчиќ и Андреевска – Белчева е огромен проблем. Ако не се знае бројот на жители во одредена четврт, не може да биде пресметано количеството на произведен отпад, ниту колку контејнерите би собирале ѓубре. Изоставуваат такви податоци.
При евалуацијата, исто така, се изненадиле колку има површина, државни парчиња земја што се дава многу лесно.
„Планерите ја даваат како да ја даваат од свој џеб, двор, своја парцела… Јас сум фрапирана! Навистина реагирам бурно кон колегите, колку се неодговорни! Тоа е како да имате куќа со двор, па на секој комшија, минувач да му дадете ‘нека носи’, и тоа за 1 денар?! Преку факултетот следев образование, па не сум фатила кога ова се овозможи, толку лесно, да може да се откупи земјиште што е блиску до вас, да си оформите своја парцела. Наеднаш ако имате 30% од таа парцела, останатите 70% ќе ги откупите за 1 евро. Нашата борба е мала, но беше насочена кон тие парчиња“, рече професорката Пенчиќ.
Според активистката Невена Георгиевска од 02 Иницијатива, граѓаните треба да го одбрануваат зеленилото со будност, активност и масивност. Будност – затоа што многу работи поминуваат незабележано.
„Луѓе свестете се, реагирајте, затоа што доцна ќе биде кога ќе дојдат багерите. Друго, под активност подразбирам граѓанинот да реагира и писмено, не само преку социјалните мрежи. Да го каже својот став во општина, да се организираат како групи во однос на петиции и барања, пред донесување на планските документации. Може да поднесат барања во одреден дел да има повеќе зеленило, што ќе биде еден доказ писмен дека во правење на планот“, вели активистката.
Активистката се наврати дека во изминативе години имаше 25 промени на законите, но, нагласи таа, поголемот број измени беа предизвикани од потреби да се тргнат законските рамки само за да може да се гради. Не се сеќава дека се донесени позначителни закони или остапки за проширување на зеленило.
„Значи имаме конкретна ситуација во Гази Баба, последниве години се носат и по две анкети за ДУП, а ДУП-от за ‘Вардариште’, кој е потребен за да се ревитализира и санира депонијата – не е донесен. Зошто? Затоа што тој ДУП не носи профит. Друго, во самата постапка на носење на ДУП многу е важна Стратешката оценка за влијание на животната срадина (ОВЖС). Таа досега не се ни носеше, се носеше одлука за неспроведување, буквално една формална работа. И, сега, она што најмногу не’ испаничи, е тоа што во новиот предлог-закон воопшто не се ни предвидува ваква ОВЖС“, потенцира Георгиевска, предложувајќи и ДУП-овите да бидат поразбирливо прикажани за граѓаните.
Нагласи, потребни се податоци за да се донесат правилни одлуки и решенија. Тие податоци кај нас се виртуелни, односно, вели таа, некаде се тешки за наоѓање, а некогаш се двосмислени, па не можат да се потпрат на такви информации.
Георгиевска имаше презентација за Карпош. Даде неколку примери за зеленилото под ДУП-овите и негрижата на властите и градежниците. Во Карпош 3, зеленило вирееше околу „Сити мол“.
Но, со градењето на трговскиот, целата површина околу „Сити Мол“ стана „поатрактивна“.
„Сите нови згради се групираат околу ‘Сити Мол’. Немавме изградено градинки, само пренамена на постоечки образовни објекти во приватни градинки. Значи, Јана рече дека нема податоци за отпад, но немаме податоци и колку нови деца ќе дојдат со новонаселените семејства во становите! Кога не гледаме како нашата иднина ќе биде сместена во групи по 40 деца, тогаш – каде е тука хуманото живеење? Паркот на толеранцијата е исчезнат, додека преостанатото зеленило е заградено, ќе се гради дел од ‘Систина’. Со самото тоа што наместо паркови правиме болници – се’ кажува. Го губиме зеленилото, а добиваме установи за лечење“, забележи Георгиевска од 02 Иницијатива.
Од ДОМ, пак, потенцираа дека откако една година е донесен, Законот за урбано зеленило недоволно доследно се применува. Потребно е итно донесување на Правилник за урбано зеленило, кој е изработен од Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Законот наскоро треба да биде усвоен, како дополнување на постојниот Закон за просторно и урбанистичко планирање и да претставува основа за идна изработка на урбанистичките планови.
Според Ана Петровска, државен секретар во МЖСПП, во иднина во рамките на изработка на ГУП-от ќе треба да се изработува стратегија за развој на зеленилото.
„Во градовите каде има загадување, каде нема доволно проветрување, каде што има топлотни острови, да се инсталира ново зеленило или да се прошири постојното, да се рекултивираат запуштени, опустошени простори и диви депонии и на тој начин менувајќи ја микро-климата во градот да се справуваме и со климатските промени“, нагласи Петровска.
Правилникот предвидува ДУП-овите да имаат основни планови за зеленило, а новина на овој Правилник е начинот на кој ќе се планираат во иднина објектите. Тие ќе имаат обврска пред да се добие градежна дозвола да се докаже дека на ниво на градежна парцела имаме 20 проценти урбано зеленило.
Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин вели дека законот сега недоследно се имплементира.
„Работа е и на инспекциските служби да се обезбеди спроведување на одредбите според кои на ниво на ГУП задолжително да се проектира зеленило од 25 метри квадратни по жител, задолжително минимум 20 проценти по градежна парцела, да се воведе Зелениот катастар и заштита на дрвјата особено капиталните примероци, оние што се по обем поголеми од 40 сантиметри и над 1,3 метри висина“, рече меѓу другото Морачанин.
Бојан Шашевски