Едукативни „Разговори за родителство“ во Штип во организација на УНИЦЕФ

УНИЦЕФ продолжува со едукативни разговори водени од експерти за детски развој кои започнаа минатата година. Денес, од 18 часот, во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип ќе се одржи првата средба со родители, а во текот на овој и наредниот месец ќе се одржат средби и во Кавадарци, Велес, Охрид и Кичево.

Родителските настани имаат за цел да се отвори дискусија за детскиот развој и да им се овозможи на родителите да научат повеќе за развојот на детскиот мозок, емотивното приврзување, градењето на карактерот, родителските стилови и ефектите од негативните искуства врз детскиот развој.

„Најновите сознанија во науката покажуваат дека во првите години од животот, човечкиот мозок се развива со брзина која никогаш потоа нема да се повтори. Секое поединечно искуство на детето влијае врз развојот на мозокот и го обликува начинот на кој тоа размислува, чувствува, се однесува и учи во текот на животот“, велат од УНИЦЕФ.

Настанот ќе го води Сашко Коцев, а балетското студио Битрикс ќе настапи со претставата “Тишина” – аудио-визуелен перформанс кој ги доловува емоциите од семејното насилство и неговото негативно влијание врз децата. На настанот ќе учествуваат и деца и млади од танцово студио “Get Fit” од Штип со перформанс на тема „САМОДОВЕРБА“.

На настанот ќе зборуваат претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс, експертите за детски развој професор Алма Тасевска и  професор Кирил Барбареев, а на панел дискусијата ќе се придружи и детскиот психијатар доктор Марија Ралева.