Доделени наградите за најдобрите изданија на Саемот на книга

Во рамки на на годинашниот 31. Меѓународен саем на книгата во Скопјe, Здружението на издавачите и книжарите на Македонија традиционално ги додели наградите за најдобрите изданија издадени меѓу двата саеми на книгата, поделени во пет категории.

За наградите одлучуваше стручна комисија во состав: проф. д-р Александар Прокопиев, претседател, проф. д-р Иван Џепароски, член, и проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, член.

Добитници на наградитe се следниве книги и автори:

Прва награда за на најдобро оригинално издание од областа на литературата, науката, културата и уметноста меѓу двата саеми ја доби книгата „АЛШАР (Светско природно наследство)“ од авторите Глигор Јовановски, Блажо Боев, Трајче Стафилов, Петре Макрески, Владо Матевски, Иван Боев во издание на МАНУ – Скопје. Втората награда од истата категорија ја доби „Безразборна лабораторија“ од Влада Урошевиќ, во издание на „ИК Магор“ од Скопје.

Во втората категорија – Најдобро ликовно-графичко обликување и дизајн на книга – едиција меѓу двата саеми, наградата ја доби „Поп-глам“ од Златко Глигоров, во издание на „Пагома прес“ од Скопје.

За најдобри илустрирани книги или сликовници меѓу двата саеми се прогласени: „Светот на Биби од А до Ш“, текст од Билјана С. Црвенковска, илустрации Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, во издание на „Бибиленд“. Потоа, „Илустрирани приказни од Шекспир“, уредник Ана Иванова, илустрации Ана Григорјев, во издание на „Просветно дело“ од Скопје и „Среќен роденден“ од Ели Маказлиева, илустрации Игор Јовчевски, во издание на „Едука мак“ од Скопје.

Наградата „Јаков од Камена Река“ за најдобра компјутерска обработка за печат или отпечатена книга или едиција меѓу двата саеми им беше доделена на „Културен атлас на исламот“ од Исмаил Р. ел Фаруки и Лоис Ламија ел Фаруки, во издание на „Логос-А“ од Скопје и „Белешки 88-014“ од Тихомир Стојков, во издание на „Авант прес“ од Скопје.

За најдобар книжар меѓу двата саеми е избрана Магдалена Стојмановиќ од издавачката куќа „Икона“ од Скопјe.