Во изминативе три дена, од ЈП „Комунална хигиена“-Скопје забележале интензивна појава на опожарување на контејнерите за отпад. Само пред два дена биле опожарени пет контејнери на три локации во Карпош – два на булеварот „Партизански одреди“ и еден на ул. „Московска“.
„Во текот на вчерашната ноќ гореа два контејнера кај хотелот “Карпош“ во општината Карпош, како и еден на главната улица во општината Ѓорче Петров. Најголемиот дел од опожарените контејнери се целосно уништени и утринава беа заменети со комплетно нови садови“, информираат од „Комунална хигиена“.
„Покрај финансиската штета што му е нанесена на Претпријатието, опожарувањето на контејнерите предизвикува големи проблеми при одлагањето и собирањето на комуналниот отпад во градот. Апелираме до Инспекторатот на Градот Скопје и инспекциските служби при општините да преземат засилени мерки за надзор и санкционирање на сторителите на овие инциденти, со цел – да престане уништувањето на опремата на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје и нашите екипи да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски“, изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Абдусамед Шабани.