Заклучок на четирите апелациони судови: Онлајн медиумите се медиуми

Четирите апелациони судови во Република Северна Македонија донесоа заклучок дека онлајн медиумите кои како странки се јавуваат пред првостепените граѓански судови при одлучување во постапки за навреда и клевета, мора да имаат ист третман како и традиционалните медиуми, соопшти Здружението на новинари на Македонија.

Заклучокот за оваа новина на барање од ЗНМ бил доставен од Апелациониот суд во Гостивар од претседателот Шефајет Хајдари.

Во него, четирите аплеациони судови констатираат дека има одговорност за навреда и клевета на главниот и одговорен уредник на издавачите на електронските публикации и воопшто сите останати видови електронски медиуми за содржини објавени во нив.

„Ова значи дека во иднина сите граѓански судови во државата, вклучувајќи го и Основниот суд во Скопје ќе мора да ги почитуваат деловите од овој закон со кои се штитат правата на новинарите и уредниците но и на самите медиуми како што се на пример: исклучување на одговорност од клевета и навреда, изнесување на факти кои се однесуваат на јавен интерес со повикување на сериозни извори на сознанија за нивната вистинитост, ублажување на штета преку барање за извинување и јавно повлекување, право на демант и одговор, немање на одговорност ако новинарот постапувал со внимание во согласност со етичките стандарди во согласност професионалните стандарди на новинарската професија итн.

Со оваа измена, се штити и јавноста од непрофесионално новинарство, а истовремено сите граѓански судови се обврзани да ги штитат и онлајн медиумите кои работат во согласност со Етичкиот кодекс на новинарите“, стои во соопштението на ЗНМ.

Заклучокот е во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права, а индиректно треба да помогне за да спласнат обидите на политичките партии да иницираат дополнителна регулација на онлајн медиумите со што може да се ограничи слободата на изразување.

Оваа активност е резултат на претходните напори на ЗНМ да ги убеди претседателите на граѓанските и апелационите судови но и на Врховниот суд дека праксата за овие прашања мора да биде синхронизирана на граѓанскиот суд во Скопје со останатите граѓански судови во државата, а во согласност со праксата на ЕСЧП со цел заштита на новинарите и медиумските работници.