Папата Франциск: Вашата земја е мост помеѓу Истокот и Западот, да ја направите светилник на мирот

„Вашата земја е мост помеѓу Истокот и Западот и место каде што се слеваат многу културни струи, каде што се обединуваат многуте карактеристики на овој регион“, рече Папата Франциск во своето обраќање пред македонскиот државен врв, дипломатскиот кор и пред претставниците на граѓанското општество и медиумите во претседателската резиденција „Вила Водно“.

„Со историските сведоштва од нејзиното византиско и отоманско минато, со монументалните тврдини низ планините и прекрасните иконостаси во старите цркви кои ја докажуваат христијанската присутност од времето на Апостолите, се изразува нејзината богата илјадулетна култура што ја наследила. Но, дозволете ми да кажам дека ова културно богатство е само огледало на вашето најценето и најважно наследство: мултиетничкиот и мултирелигискиот состав на ликот на вашиот народ, плод на богатата историја, и комплексните односи низ минатите години“, додаде Папата во своето прво обраќање пред македонската јавност во рамките на неговата апостолска посета на Северна Македонија.

Во обраќањето, Папата Франциск ја истакна солидарноста и хуманоста со бегалската трагедија што ја покажаа граѓаните и надлежните хуманитарни организации во Република Северна Македонија, и се задржа на мисијата на Мајка Тереза.

“Ве охрабрувам да го следите верно започнатиот пат и да ја направите вашата земја светилник на мирот, гостопримството и интеграција која ќе роди плодови помеѓу културите, религиите и народите. Тргнувајќи од соодветните идентитети и динамиката на нивниот културен и цивилен живот, тие ќе можат да изградат заедничка иднина, учејќи се од богатствата што секој од нив ги носи со себе“ порача Папата Франциск.