Излезноста до 10 часот е 6,16%, изборите се одвиваат без нерегуларности

Државната изборна комисија (ДИК), на својата интернет-страница, информираше дека излезноста до 10 часот на вториот круг од претседателските избори во Северна Македонија изнесува 6,16%.

Излезноста е пресметана од пристигнати податоци од 99% од гласачките места во државава.

Како за споредба, излезноста во 10 часот во првиот круг од претседателските избори изнесуваше 6,23%.

Гласањето, како што соопштија од ДИК, досега се одвива мирно, непрекинато и во фер и демократска атмосфера и засега не се регистрирани никакви нарушувања на изборниот процес.

За граѓаните е активна бесплатната телефонска линија на Државната изборна комисија – 0800 555 44. ДИК следната пресконференција ја најави по 13:30 минути кога ќе треба да ги имаат податоците за излезноста до 13 часот.

Покрај изборите за претседател, денес се одржува и вториот круг од предвремените избори за градоначалници на Охрид и Ново Село.

Дека изборниот процес поминува во мирна атмосфера потврдија и од невладината организација МОСТ, која ги набљудува изборите. Тие соопштија дека граѓаните можат да пријават евентуални нерегуларности на бесплатната телефонска линија 080 080 080.

Граѓаните ќе можат да пријават повреда на избирачкото право и до Народниот правобранител на беслатната телефонска линија: 0800-54321 која ќе функција од 7:00 до 19:00 часот. Граѓаните можат да пријавуваат повреди на избирачките права и до Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија преку пријавување на случајот во канцеларијата на Комитетот кој се наоѓа на ул. „Наум Наумовски Борче“ бр. 83 во Скопје, на телефонски број 02-3119-073, или на мејл helkom@mhc.org.mk. Пријавите преку е-пошта треба да содржат кратко образложение за настанатата повреда, локација (изборна единица и број на гласачко место) и време на настанување на повредата на избирачкото право.

Во трка за претседателската позиција се кандидатот на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски и на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска – Давкова.

На 3.480 избирачки места во Републикава и на 32 во странство на претседателските избори можат да гласаат 1.808.131 граѓанин запишани во избирачкиот список.  За изборите да бидат успешни потребно е на гласање да излезат најмалку 40% + 1 од регистрираните гласачи.

Гласачките места ќе бидат отворени до 19 часот. По затворањето на избирачките места ќе можат да гласаат само лицата кои во тој момент се затекнале во објектот каде што се гласа.

Претседателските избори ги следат 3.381 домашен набљудувач и околу 520 странски набљудувачи, акредитирани од ДИК.

Вчера, ден пред изборите, гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лица кои се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Ова се шести претседателски избори од независноста на земјава. Досега на претседателската функција беа Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и актуелниот претседател Ѓорге Иванов.