Следниот викенд, на 11 и 12 мај, ќе се одржи едукативен настан “Денови на Вашето милениче 2019” наменет за сите одговорни сопственици, љубители или активисти за животни.
Настанот е организиран од Факултет за Ветеринарна медицина – Скопје и Интернационална Ветеринарна Студентска Асоцијација Скопје, а е поддржан од град Скопје. Целта е да се промовира одговорно сопствеништво преку едукација за правилна грижа и нега на милениците и информирање на јавноста за актуелни проблеми и заболувања кои се јавуваат кај домашните миленици.
На 11 мај (сабота), настанот ќе се одржи во АвАв Хепи Дог, првиот центар за миленици, каде ќе се одржат и кратки едукативни предавања, од страна на професори при ФВМ-С и доктори по Ветеринарна медицина, со што ќе се опфатат актуелните теми за милениците, како “Што е кастрација/стерилизација и кога е правилен избор?”, “Влијанието на телесната тежина врз благосостојбата на домашните миленици”, “Како да ги заштитиме милениците од екто/ендопаразити” и “Прва помош при труење”.
На 12 мај (недела), настанот ќе се одржи во Паркот за миленици – Градски парк Скопје. На самиот настан ќе бидат поставени повеќе информативни штандови каде присутните ќе имаат можност да се информираат/советуваат за одговорно сопствеништво на повеќе теми: микрочипирање, вакцинација, правилна исхрана, кастрација/стерилизација, Брахицефаличен синдром, вектор и вектор-преносливи болести и прва помош при труење. Исто така, ќе има и детско катче каде што ќе се анимираат, едуцираат и забавуваат децата. Предвидено е да има и игри наменети за сопствениците на милениците.