Мадуро прогласи неуспешен пуч, Гуаидо најави нови протести во Венецуела

Претседателот на Народното собрание на Венецуела, Хуан Гуаидо повторно ги повика своите симпатизери на протести, најавувајќи „најголем марш“ во историјата на земјата.

Повикот доаѓа откако вчера опозицискиот лидер испрати повик до армијата да се придружи на „мирното народно востание“ со кое требаше да се собори од власт претседателот Николас Мадуро што доведе до насилни пресметки помеѓу безбедносните сили и опозициските приврзаници во кое, според првичните информации, повредени се над 100 лица.

Мадуро, синоќа, во обраќање на државната телевизија, заедно со министерот за одбрана, Владимир Падрино, рече дека планот на опозицијата пропаднал, посочувајќи ги приврзаниците на Гуаидо како „мала група“.

„Обвинителите ќе покренат кривични постапки за сериозни кривични дела кои беа извршени против уставот, владеењето на правото и правото на мир“, изјави Мадуро.

Од администрацијата на САД вчера соопштија дека Мадуро требало да побегне од земјата во Куба, но дека Русија го одвратиле од неговата намера.

„Тој (Мадуро) имаше авион на пистата и беше подготвен утрото да замине според наши информации, но Русите сметале дека треба да остане. Требало да замине за Хавана“, изјавил за Си-Ен-Ен, државниот секретар Мајк Помпео, но не понудил никаков доказ со кои би се потврдиле неговите тврдења.

Во триминутно видео објавено вчера рано наутро, Гуаидо најави дека почнува „последната фаза“ од неговиот план за соборање на Мадуро од власт, во кое додаде и дека војниците кои ќе дојдат на улиците против претседателот ќе го штитат уставот на земјата.