Изгаснат пожарот во Нотр Дам, Макрон вети дека ќе ја обнови

Огромен пожар ја зафати катедралата Норт Дам во Париз која важи за светско културно наследство. Пожарот избувна околу 19 часот по локално време, уништувајќи го покривот и главната кула. Од противпожарната служба утрово соопштија дека пожарот е изгаснат.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека најлошото е спречено и дека се спасени фасадата и двете главни кули на Богородичната црква. Министерството за внатрешни работи на Франција оцени дека сѐ уште постои опасност од уривање на црквата и дека експерти и архитекти денеска ќе разговараат околу стабилноста на објектот и ќе се донесе одлука дали пожарникарите смеат да ја продолжат својата работа во внатрешноста на катедралата. Оттаму велат дека оргулата и дел од сликите се оштетени.

Обвинителството отвори истрага, но полицијата вели дека пожарот започнал случајно и дека најверојатно е поврзан со градежните работи на катедралата. Маестралното готско дело старо 850 години беше подложно на реставрација поради претходни случаи на пожар и ерозија.

Претседателот Макрон вети дека катедралата ќе биде обновена.

„Она што се случи вечерва во Париз, во катедралата, е ужасен настан“, рече тој, најавувајќи дека ќе започне интернационална кампања за собирање на средства за поправки и дека ќе ги донесе најдобрите архитекти во светот за целосно да ја реконструираат зградата.

„Нотр Дам е нашата историја, нашата литература, дел од нашата психологија, местото на сите наши големи настани, нашите епидемии, нашите војни, или слободи, епицентарот на нашите животи… Затоа вечерва ветувам дека ќе ја обновиме заедно“.

Илјадници жители на Париз беа сведоци на хоророт кој се случуваше пред нивните очи. Плач и молитви беше нивниот одговор на пламените јазици околу едно од најголемите архитектонски богатства.

Катедралата од 12 век е дом на бесценети уметнички дела и е една од најпознатите туристички атракции во светот, овековечена во романот на Виктор Хуго од 1831 година, „Ѕвонарот на Богородичната црква“. Таа привлекува околу 13 милиони посетители годишно од целиот свет.

На социјалните мрежи корисници споделуваа свои спомени од посетата на Нотр Дам. Политичарите од целиот свет, пак, упатуваа сочувство и поддршка на францускиот народ.

Градоначалникот на Париз, Ана Хидалго, користеше латинска фраза која се користи за претставување на Париз од околу 1358 година, што грубо се преведува како: “[Таа] е фрлена од брановите, но не потонува”.

“Немам доволно силни зборови за да ја изразам болката што ја чувствувам пред пламенот #NotreDame. Вечерва сите Парижани и Французи тагуваат за овој симбол на нашата заедничка историја”, објави на Твитер.

Градењето на катедрата посветена на Богородица Марија започнала во 1163 година и траело скоро две века. Првата голема реставрација на црквата била од 1844 до 1864 година.

Но, за потребата од реставрација на Нотр Дам се зборува уште пред неколку години, кога не толку силен пожар ја имаше зафатено катедралата. Пред речиси три години Мишел Пико ја создаде фондацијата „Пријателите на Нотр Дам“ со цел да собира пари во САД за нејзиното реновирање.

„Кога ја гледате од напред, нема проблем. Но, кога ќе отидете зад сцената, тука работите почнуваат да одат надолу“, вели тој.

Еден од најголемите непријатели на конструкцијата е дождот, предупредуваше Пико, кој полека ги еродира декоративните врвови изградени со деликатен варовник, но и ја ослабнува дрвената конструкција.