Предавање за „Правото на самоопределување“ со Бошко Станковски во Јавна соба

Младински образовен форум организира отворено студентско предавање на тема „Правото на самоопределување: историски развој и идни предизвици“. Предавањето ќе се одржи на 16-ти април 2019 (вторник) со почеток во 18:00 часот во просториите на Јавна Соба, Скопје

Предавач на ова предавање ќе биде Бошко Станковски, кој е докторанд по меѓународно право на Универзитетот во Кембриџ. Има магистрирано меѓународни односи на истиот универзитет како OSF/Chevening стипендист, здобивајќи се со највисока оценка за својата магистерска теза. Во текот на академската 2014-2015 година, тој беше истражувачки соработник на Правната школа на Универзитетот Харвард, за што беше добитник на Civil Society Scholar Award. Досега бил ангажиран како експерт-консултант за повеќе меѓународни организации.

За предавањето :

Правото на народите на самоопределување првпат се споменува на почетокот на 20-тиот век како политички принцип за подоцна, со формирањето на ООН и процесот на деколонизација, да прерасне во задолжителна норма на меѓународното право со jus cogens карактер. Со распадот на поранешна СФРЈ и СССР, правото на самоопределување првпат се поставува во пост-колонијален контекст, а неговата примена наидува на бројни контроверзи и е предмет на различни интерпретации. Целта на оваа предавање не е само да даде приказ на некои од најзначајните предизвици поврзани со правото на самоопределување туку, користејќи го како пример, да ја објасни преку него комплексната динамика на развојот и примената на меѓународното право.

Изборното предавање е организирано во рамки на Проектот за образовни центри за советување и алумни стипендисти на Фондациите Отворено Општество. Целта е алумни стипендистите, преку своето стекнато знаење на различни престижни универзитети и факултети, да придонесат кон развој на општествениот дискурс помеѓу младите во државата, преку нивно информирање за релевантни општествени теми.
Ова предавање е првото изборно предавање од циклус предавањата организирани од страна на Младински образовен форум.

Во текот на месеците април – јули 2019, МОФ ќе организира уште 4 предавања поврзани со различни општествено релевантни тематики.