Во едно општество за сите нема место за Ромите – говорот на Ариф Адеми на Ораторската вечер по повод Меѓународниот ден на Ромите

Реалното секојдневие и предизвиците на Ромите беа дел од темите кои ги говореа ораторите на темата „Ромскиот народ – минато, сегашност, иднина“. Ораторската вечер ја организираше Здружението на граѓани „Ромаверзитас“ по повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.

Во продолжение, го споделуваме говорот на Ариф Адеми.

***

Уште во Античкото време, големиот Аристотел кажал дека политиката е кралска наука. Кралска наука која треба да доведе до перфектно општество, перфекно општество за сите, или како што ние сакаме да кажеме концепт едно општество за сите. Преубаво звучи нели?

Но реалноста говори дека тешко оди неговото создавање. Еве ние нашето перфектно општество, едно општество за сите го градиме 28 години … и градиме, и градиме и градиме, и како што мене ми се
чини уште 280 години нема да го изградиме…

СЕ ПРАШУВАТЕ ЗОШТО СУМ ваков песимист. Eве ќе се обидам да ви објаснам:

Па, како да изградиме едно општество за сите кога предуслов за вработување е да имате партиска книшка?

Kако да изградиме едно општество за сите кога целата администрација е обоена во партиски бои? Администрација која не работи за интересите на народот туку за политичките партии и нејзините моќници.

Па како да изградиме едно општество за сите кога младите ги гледаат политичките партии како бироа за вработување? Навистина е болно кога гледаме како млади лица лепат плакати и се целосни слуги на своите партиски лидери само со една цел: да бидат вработени како курири, хигиеничари, лекари.

Очигледно во ова општество е многу полесно да се успее ако си член на политичка партија, ДА КОНЦЕПТ ЕДНО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ. АМА НЕ ТУКА, ТУКУ ВО ГЕРМАНИЈА – таму каде што се цени колку си квалитетен и колку вредиш… Затоа, и не треба да не чуди зошто младите ни бегаат во Германија, Франција, Белгија. За разлика од таму, во Македонија доволно е да си син или ќерка на некој пратеник или уште подобро пратеничка. Тогаш вие веќе со една нога сте во ЕЛЕМ, Рек Битола, АЕК, Мепсо. Понекогаш се прашувам како е возможно сите ќерки и синови на политичари да се толку квалитетни па според тоа да бидат вработени на високи функции и работни позиции!

Гордост на мама и тато ќе речат … Епа тешко оди драги мои така креирање на едно општество за сите.Тешко оди бидејќи лесно можеме да забележиме дека ова општество не е еднакво за сите. Па во Македонија дури и правдата за некого е слепа, а за некого ѕирка. Не ми верувате? Еве ви пример. РОМИ вратени од граница. РОМИТЕ поведуваат судска постапка, Судијата согласно уставот и законите пресудува дека нема дискриминација, нема повреда на правото на слободно движење.

За разлика од овие случаи истиот судија врз основа на истиот устав и закони истиот случај само друга етничка заедница, само за нив не носи никакви пресуди, знаете ли зошто?! бидејќи нема такви случаеви. Само ние бевме угнетени! ЕДНАКВОСТ, M? Далеку сме ние од еднаквост… Доколку имаше еднаквост во ова општество зарем бабичката што продаваше малинки и капинки наспроти буњаковец ќе беше така влечена и бркана од инспекторите. Се прашувам да не требаше бабичката да има партиска книшка за да биде оставена на мира, или пак бабичката сама се влечеше и сама се бркаше, како што и полицајката кај Мавровка сама се удри во пајакот.

Но не се само партии проблем во Македонија, проблем во Македонија се и поделбите по етнички групи. Волтер ќе каже: прво сум човек, а по случаен избор припадник на некој сегмент. Во Македија далеку сме од принципите на Волтер. Тука идеите на Волтер се мртви. Македонците и Албанците се граѓани од прв ред, а сите ние останати Роми, Турци, Власи, Срби граѓани од втор, трет ред.

Сведоци бевме дека Охридскиот Рамковен договор беше донесен за сите етнички заедници, но видливо е дека бенефициите од тој договор ги користат само Албанците. Доволно е само да погледнете што се случуваше со законот за јазици … Закон за јазици а во него одредби само за албанскиот јазик. Па зошто не се побуниме против тоа тогаш … бидејки тоа право му припаѓа единствено на граѓанин од прв ред ?

Почнувајќи од 2001 година во духот на Охридскиот рамковен договор говориме за соодветна и правична застапеност. Тука морам да ви кажам дека ние Ромите не само што сме соодветно и правично застапени, туку сме презастапени … но во Јавното претпријатие Комуналец, таму секој втор, трет вработен е РОМ, а кога станува збор за повисока функција, тогаш на секој илјадити директор еден е Ром и тоа во институција која нема допир со креирање на јавна политика. Само бројка без никаква суштина.

А кога станува збор за важна јавна функција со суштина како на пример претседател на држава очигледно нашиот глас не е битен. Видовме дека и за конзенсуалниот кандидат за претседател на Македонија месец дена преговараа Македонски и Албански партии и на крај само ни ја соопштија веста кој ќе биде кандидат, а ние … е ние одлучивме и единствената кандидатура да ја повлечеме.

Додека едни преговараат, други бланко подржуваат.

Но не се проблем само претседателските избори, нееднаквоста можеме да ја видиме и на парламентарните избори. Наместо цела држава да е една изборна единица за да и ние малите етнички заедници имаме еднаков извор на моќ, Македонија е поделена на 6 изборни единици. Решение кое ги фаворизира големите политички партии, а со тоа и големите етнички заедници. Ако сакаме едно општество за сите тогаш е логично Македонија да биде една изборна единица. Една изборна единица за едно општество за сите. Решение кое ќе доведе и ромските партии да имаат еднаква шанса за самостоен влез во парламентот. Само така ромските партии ќе може да бидат моќни и независни претставници на ромскиот народ. Вака ромските партии се само декор на големите партии, исто како махагонот на мерцедесот од 600 000 евра – така споени и неразделни.

Повторно на дело двојни – тројни аршини во ова едно општество за сите. Еве баш зошто нема да го изградиме концептот едно општество за сите! Ми се чини дури и тие 280 години се малку за да го изградиме. Таквиот податок посебно ме боли бидејќи ние помалите етнички заедници мечтаеме за овој концепт. Мечтаеме за општество каде што проблемите на граѓаните ќе бидат на прво место, каде што ќе нема потреба од партиска книшка за да се вработиме, каде што ќе нема потреба да сме дел политичка партија да успееме, каде што ќе нема непотизам, каде што ќе нема нееднаквост и дискримација, сегрегација, стереотипизација, каде што закони ќе важат еднакво за сите етникуми.

Но овој сон е многу далечен, посебно за нас Ромите. За жал, како што ми се чини во овој концепт едно општество за сите нема место за нас Ромите. Ромите во овој концепт се погребани. Живи – Мртовци.