Промоција на „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ од Александра Јуруковска

Утре, 12. април, во Младинскиот културен центар Скопје е најавена промоција на книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“, компаративно-интермедијална анализа за третманот на книжевноста во неколку македонски медиуми.

Истражувањата се насочени кон македонските состојби (во најголем дел анализирани заклучно со 2012 година), во контекст на светските тенденции, повремено споредени и со регионалните текови.

Поаѓајќи од големото прашање на Умберто Еко: „Дали интернетот ќе ја убие книгата?“ – еден дел од трудот се занимава со книжевноста во дигиталната ера, односно со релацијата на литературата со новите медиуми.

Основниот метод на истражување во трудот е компаративистиката и знаењата од неа.

Апликативниот дел од студијата содржи: аудио и видеозаписи, архивски снимки од избраните медиуми, принтови и скенирани страници од печатените медиуми и, секако, мноштво интернет и електронски изданија. Документаристичкиот пристап е доминантен во делот што се занимава со книжевноста и мас-медиумите, каде што основен истражувачки метод е интервјуто.

На прашањата одговараа десетина новинари, уредници, директори на медиуми, автори на емисии и рубрики. Додека книгата се подготвуваше за печат, многу од споменатите медиуми претрпеа драстични промени во уредувачката политика или, пак, целосно згаснаа. Оттука, истиснувањето на книжевноста и културата од медиумскиот простор во Македонија изгледа уште подраматично.

Промотори на книгата ќе бидат Елизабета Шелева и Александар Прокопиев.