Министерката за внатрешна безбедност на САД поднесе оставка

Министерката за внатрешна безбедност на САД Кирстен Нилсен, која ја надгледуваше силно оспорената имиграциона политика на Доналд Трамп за време на својот 16-месечен бурен мандат, поднесе оставка. Ова се должи на зголемениот број мигранти на границата со Мексико, пренесе Ројтерс.

Висок официјален административен претставник изјави дека Трамп од Нилсен побарал да поднесе оставка што таа го направила.

Трамп, кој неодамна изрази гнев во врска со ситуацијата на границата, на Твитер потврди дека Нилсен ја  напушти својата позиција и и’ се заблагодари за нејзината служба.

Во друг твит, Трамп изјави дека Кевин Меклинен, сегашниот Комесар за царинска и гранична заштита на САД, ќе стане вршител на должноста министер за внатрешна безбедност.

Доцна во неделата, Нилсен изјави дека ќе остане до среда.

„Се согласив да останам на позицијата до среда, 10 април, за да помогнам во уредна транзиција и да се осигурам дека клучните мисии на Министерството за внатрешна безбедност не се нарушени“, рече таа.

Нилсен (46) на позицијата министерка за внатрешна безбедност е од декември 2017 година.

Нејзиното заминување постојано се шпекулираше во текот на изминатата година, особено поради несогласувањата околу политиката за разделување на семејствата на границата со Мексико и поради последните проценки дека 100.000 мигранти биле уапсени на јужната граница во март, највисоко ниво во една деценија.