Промоција на книгата „Културна фабрика“ од Ана Мартиноска

Книгата „Културна фабрика“ од Ана Мартиноска ќе биде промовирана на 9-ти април во МКЦ Клуб-ресторанот од седум часот.

Се работи за избор од осумдесетина авторски колумни на родови и културолошки теми, кои се објавувани во неделникот „Глобус“ и дневниот весник „Нова Македонија“.

Во книгата е направена тематска селекција, која грубо е поделена во 3 поглавја насловени како: Белешки за родот, сексуалноста и слободата на избор, Потрага по уметноста и убавината на урбаното живеење и Приказни за другата страна на популарната култура.

„’Културна фабрика’ има за цел да проговори за болките и предизвиците на современата култура, сфатена во најшироката смисла на зборот. Таа е слика за постоечките состојби, но и простор за отворање на нови погледи и перспективи, со желба да предизвика критички дијалог на авторите, критиката и публиката, но уште повеќе и дијалог со себеси, нашите ограничувања и предрасуди.
Огледите во книгата се обидуваат да провоцираат, да ги разнишаат востановените поредоци, да ги срушат закоравените митови и стереотипи, да ги предизвикаат сите стеги на општественото, родово и културно живеење во нашата држава. И на тој начин, на овие двесте странички, тие сакаат да остават трага за културната продукција во Македонија во изминатата деценија, сведоштво за конзервативните и патријархални струи кои доминираа во јавниот дискурс и потврда за борбата за слобода и отвореност во уметноста, културата и општеството во целина“, стои во најавата на настанот.