Меѓаши реагира на конкурсите за НАТО творби наменети за деца

Од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ реагираа по повод објавениот конкурс за творби за светското одбележување на 70-годишнината од формирањето на НАТО Алијансата, нарекувајќи го „обид за манипулација и индоктринација на деца од основните и средни училишта“, бидејќи за нив се спорни темите и возраста на децата за кои е наменет конкурсот.

„Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ остро реагира на активноста на „ГАУС институт – фондација за нови технологии, иноваации и трасфер на знаење“ на последната активност за одбележување на годишнинаната на НАТО алијансата во основните и средните училишта. Формата е класичен начин на одбележување на годишнина преку раскази, есеи и цртежи каде се дава можност дури и за критики, но сепак забележлив е позитивниот контекст кој се дава на НАТО алијансата и одбележување на годишнината. Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ цврсто верува и се залага за промоција на мирот и ненасилната трансформација на конфликти, воедно верувајќи дека свет без алијанси кои промовираат моќ, демонстрираат сила и сеат страв, би бил подостоен за живеење. Идејата за заштита и промовирањето на заштитата како основа за формирање на вакви алијанси не ги исклучуваат можностите за агресија и напад преку што се нанесуваат неизмерни штети со бројни жртви. Едукацијата за формите за одбрана и агресија преку соработки меѓу земјите во светот треба да се изучува во наставните програми и јасно да се даде на знаење на децата за ефектите и бројот на жртви како последица од активностите на ваквите воени алијанси. Поради страотните информации и слики како и видео прилози од ефектите на делувањето на овие алијанси децата во училиштата ги учат причините за формирање, но не толку и последиците од формирањето и со право е тоа така. Сакаме да ги заштитме децата од трауми“, стои во соопштението од „Меѓаши“.

„Без оглед што овој конкурс е дел на одбележување кое се одвива паралелено во сите земји членки и партнери на НАТО сметаме дека не придонесува кон позитивно влијание врз растот и развојот на децата. Се согласуваме со јавните критиките упатени кон оваа манифестација, особено со ставовите и прашањата на Илија Ацески, професор на студиите по социологија при УКИМ во текстот „Ученици и наставници пишуваат есеи за Алијансата“ објавен на порталот ,,Нова Македонија“ на 29.03.2019г.,  односно „која е целта на ваквите проекти и дали е тоа обид за популаризација на НАТО во македонското општество и на некаков начин да се премоделира сегашната првична асоцијација кај поголемиот дел од населението за Алијансата што поимот НАТО го изедначува со уцена за промена на името на државата? И воопшто, колкав е степенот на информираност на децата за да восприемат и да се идентификуваат со претставите, значењето и потребите за постоење на некаква воена алијанса“, додаваат од детската амбасада.

Од „Меѓаши“ реагираа и на Конкурсот за средношколци на Министерството за одбрана, кој беше промовиран на социјалните мрежи од страна на министерката Радмила Шеќеринска. Тие дополнително апелираат на внимателно и промислено однесување на политичките партии на власт и поставување на теми со кои ќе се промовира соживот и позитивни вредности кај децата и младите без присуство на воени структури и дејствија.

Од детската амбасада укажуваат дека со вклучување на децата во политички цели се повредуваат повеќе членови од Уставот и Конвенцијата за правата на детето.