Протест на ученици пред седиштето на српската полиција поради уапсен соученик при упадот во РТС

Под паролата „Правда за Павле“ неколку стотина ученици се собраа пред српското министерство за внатрешни работи револтирани од апсењето на Павле Цвејиќ, ученик во Филолошката гимназија во Белград.

Учениците, заедно со дел од професорите, излегле на протест бидејќи на Цвејиќ, поради неговото демократско право на протест, му е оневозможено правото на образование и бараат тој веднаш да биде пуштен на слобода. Регионалната Н1 телевизија пренесува дека учениците сметаат дека ученикот е жртва на двојна неправда – и од страна на власта, која го осудила поради учество во протест, а од друга страна и од опозицијата, која го користи како средство за постигнување на своите цели.

18-годишниот Цвејиќ беше еден од првите уапсени поради упадот во зградата на јавниот сервис РТС овој викенд, за време на антивладините демонстрации. Судот набрзо потоа му одредил затворска казна од 30 дена поради кривично дело „дрско и безобзирно однесување извршено во група“.

Организаторите на протестите „1 од 5 милиони“ соопштиле дека поради упадот во РТС се уапсени вкупно 10 млади, од кои некои се осудени на едномесечен затвор. Од иницијативата изјавиле дека ќе следува нивна реакција доколку притворените не бидат пуштени на слобода.

Според српските медиуми, од 18-те лица, вкупно уапсени за протестот, уште тројца се наоѓаат во притвор.