ДЗЛП: Граѓаните да внимаваат на лажни наградни игри на социјалните мрежи

Дирекцијата за заштита на лични податоци забележува зачестени случаи на лажни наградни игри преку социјалните мрежи како Фејсбук и Инстаграм. На граѓаните им се ветуваат различни видови на награди, а за возврат од нив се бара да ги откријат своите лични податоци како што се име и презиме, адреса, фотографија, број на лична карта, матичен број, податоци од платежни картички, како и копии од лични документи.

Дирекцијата ги советува граѓаните да бидат исклучително внимателни при откривањето на своите лични податоци на интернет, затоа што постои зголемен ризик тие да бидат злоупотребени за други незаконски цели.

„Во овој контекст истакнуваме дека во вакви случаи најчесто се користат техники на компјутерски базиран социјален инженеринг како што се „phishing“ и „pharming“. Овие облици на измама опфаќаат збир на активности од неовластени испраќачи, преку користење лажни пораки од е-пошта (phishing), или користење на лажни веб страници (pharming), или користење на лажни профили на социјалните мрежи, обидувајќи се при тоа од корисниците да добијат доверливи лични податоци“, советуваат од ДЗЛП.

Ако натрапниците дојдат до доверливите податоци, тие, или сами ги користат за одредени, најчесто незаконски цели, или пак ги продаваат, појаснуваат од Дирекцијата

„Во пораките најчесто се повикуваат на лажни веб страни, или лажни профили на социјалните медиуми кои според изгледот целосно одговараат на веб страните, односно профилите на легитимните компании (фирми). Оттука, апелираме при однесувањето на интернет, сите граѓани да постапуваат со соодветно зголемено внимание и да направат целосна проверка пред да се одлучи да се откриваат лични и други податоци“, се вели во апелот од ДЗЛП.